Плач без суза тешко боли

by Фокус

Пишува х.Сулејман еф. Реџепи

Стегна зимата, удрија и мразеви, а ние упорно си правиме “Бајрам на мозокот“ до бескрај и ја гледаме реалноста со посебни диоптери, кејфот ни се чини како да е бесплатен. Ама таму некаде(не знам точно каде) некој ни удира рецки и се спрема да го наплати цехот. Ќејф без пари, вели тој некој, нема.

Кризата што ја живееме и што очекуваме да ни ја решат странците , за жал, ги изнесе сите наши траги-комедии на виделина. Ама, во меѓувреме, нашиот кичмен столб се повеќе заликува на знак прашалник од натежнатиот недостаток на демократија, похлепност, неодговорност и конформизам.

Корист и владеење

Велат дека балканците се по природа воајери, дека многу љубат да ѕиркаат преку комшиските тараби, да фрлат око на комшискиот двор. Не за друго, едноставно за да можат да се правдаат дека нивните валканици не се нај валкани, дека комшијата е уште по валкан.

Па така и ние. Се испотрошивме себеси анализирајќи ги соседите, политичките противници и неистомисленици, ривалите. Со години констатираме дека  кај овие другите (никогаш кај нас)  демократијата ја изгуби својата прецизна одреденост, дека  одвоеноста на политиката од етиката ја етаблира кај нив макијавелистичката формула според која единствен фокус на политиката треба да бидат користа и владеењето. Тие се такви, ние сме секогаш поинакви.

Ние, тие, вие-вистината се крие, а во амбиент во кој што веќе никој не претендира да приватизира земјишта и фабрики бидејќи тие веќе ги нема, и лево и десно сме сведоци на приватизацијата на политиката и на демократијата. Приватни партии, приватни политики, приватни демократии. На сето тоа се подразбира дека се надоврзува и приватната јавност. Секој си има своја јавност на која што се повикува кога му е потребна, а таа пак јадна, инфериорна до немајкаде, се претвора во прав што може да го дувне секое ветре.

Ниту на крај на умот не ми паѓа да се занимавам тука со одредена политика или политичка партија, ако случајно некој така помислил. Многу одамна сум сватил дека во фрустрираните средини секој што се обидува да се повика на совеста, станува Дон Кихот. Но, не можам а да не се запрашам: Каде ли ќе не одведе се по распространетото убедување дека ако сакаш да преживееш, мора да излажеш, да украдеш, да изманипулираш, да раскараш па да завладееш, да се искорумпираш.

Делот на луѓето пак што не можат да се вклопат во горе споменатата ситуација ене го заталкан во апатија, немоќен и анемичен, друштвено и политички резигниран и пасивизиран. А сето тоа како последица на неодговорните политички демагози, на владеечките структури без морална одговорност. Да, ама не на една владеачка структура туку на сите што се удираа по гради во изминатиов половина век. За таквата состојба на многу луѓе во Македонија се подеднакво виновни и тие што државата ја доживуваа како идеал ама не знаеа да ја водат, и тие што знаеа малку повеќе ама знаењето го усмериа кон личната добробит.

И, да. Горе кажаното не беше политика, беше ламент.

Држ‘ не дај муабет

Пред некој месец случајно помуабетив со еден наш политичар (не е Албанец) и го прашав како тој го гледа Пржино. Ми одговори со некоја шмекерска леснотија дека и Пржино, и останатите скопски населби ги гледал- од Водно. Се обидов во неговиот одговор да откријам смисол за хумор и досетливост, ама ништо. Човекот беше сосема сериозен и ми помогна уште тогаш да сватам дека и актуелниот ни договор, како и сите други, ќе биде “држ‘ не дај“ муабет.

Дефинитивно, ако некоја работа ја гледаш само од надвор, како предмет, таа и ќе остане предмет. Но, ако сакаш да ја сватиш, би требало да проникнеш во неа, да ја расчлениш па да ја составиш. Така, и Пржино не ќе беше само скопска населба туку појдовна точка за решавање на една сериозна криза што ја предизвикавме сите заедно, топтан што се вели. Ама не сакаме топтан да ја решаваме.                         

Бидејќи, нели, овој текст не се бави со политика туку политиката се бави со текстот, ќе се обидам да зaплачам без солзи и да запрашам: Што да прави и што да чини сега обичниот човек што Пржино го гледа  од Чаир, од Карпош, од Шутка…

– Да внимава не само што кажува туку и што мисли бидејќи, како што велеше Орвел “мислите стануваат зборови, па потоа стануваат одлуки и дела, па сето тоа може да премине во навика, во карактер, во судбина“ ?

– Да се придржува до максимата “ не е битно да ли си морален и способен, битно е да си успешен“  ?

– Да се пикне во политиката, да стане партиократ, да си го смени моралниот идентитет и да стане тоа што велат дека стануваат луѓето со сменет идентитет?

– Да заталка во “порнографијата на духот“ по примерот на српските ријалити шоу програми?

– Да оди на избори и да го мкне комшијата со себе за да гласаат за “нашите“?

За жал, многу избор не остана, алтернативите се повеќе ги снемува. Кај и да е, ете го 24 април на кој што, по ишаретите што доаѓаат од надвор, ќе се нацртаат сите партии. Иншалах, ќе се случи некое чудо па ќе здивнеме, белким не сме до толку проколнати па да плачеме без солзи во продолжетоци. Лево, десно, во центар, било каде, само аман да нема веќе Пржина и други скопски населби што ќе треба да ги гледаме од Водно. И, аман, цехот што ни го токмат, да не биде ептен голем.

Поврзани новости