Темата за уставни измени со цел внесување на Бугарите во Преамбулата, што претставува услов за земјава да ги отвори преговарачките поглавја со ЕУ, влегоа високо на агендата во предизборната кампања, при останува нејасно дали албанските политички партии потпишале документ или пак имаат џентлменски договор да не влегуваат во влада која нема да се обврзе дека ќе го промени Уставот.
–Веднаш по изборите, нашиот услов за да бидеме дел од влада се уставните измени. Нема да прифатиме никаква коалиција со партии кои ги кршат четирите начела – Преспанскиот договор, Охридскиот договор, Договорот за добрососедство и ветинг од меѓународен одбор – рече Бујар Османи, кандидат за претседател на владејачката ДУИ.
Воедно, тој тврди дека пред неколку месеци партиите на Албанците во земјава потпишале документ со кој се обврзуваат дека нема да бидат дел од идната влада без јасен договор за уставни измени. Сепак, тој не прецизираше пред колку точно месеци и кои точно партии потпишале ваков договор, кој досега не е објавен во јавност.
–Членството во ЕУ е без алтернатива. Земјите од Западен Балкан не може да просперираат сами од своите капацитети и ресурси и затоа е потребно што побргу да се донесат уставните измени и до 2028 да се затворат сите поглавја – порача Османи, кој е убеден е дека измените ќе бидат направени пред формирањето на новата влада.
Тој за ова говореше и на првото ТВ-соочување со неговиот противник Арбен Таравари, кој е кандидат за претседател на албанската опозиција. Меѓутоа, Таравари не потврди дека има пишан документ за невлегување во влада без уставни измени, туку откри дека имале таков џентлменски договор со лидерот на ДУИ Али Ахмети.
–Сигурно Ахмети ви кажал, ние имаме џентлеменски договор, ВРЕДИ и ДУИ. Дека нема да влеземе во Влада која нема да ги спроведе уставните измени, џентлеменски договор – му се обрати Таравари на Османи.
Притоа, тој посочи дека откако ќе го добие мандатот, ќе отпатува во Брисел за да побара гаранции од Европскиот совет дека нема да има други условувања освен овие сегашните за уставните измени.
–Со ова да се вратиме на Македонија, од мандатарот кој ќе го добие мандатот за формирање влада да се побара динамика со рокови за реализација на уставните измени. Не велам за еден, два, три месеци, но да не биде повеќе од 6 месеци. Тоа ќе се реализира и натаму Македонија да ги продолжи преговорите со ЕУ – истакна тој.
Дека нема пишан документ како што говори Османи, тврдат и други функционери од албанската опозиција, истакнувајќи дека опозицискиот фронт останува на ставот дека би влегле во владина коалиција со партии што ги поддржуваат уставните измени.
–ВРЕДИ нема никаков договор со ДУИ и Ахмети и нема постигнато никаков договор досега. Ние сериозно се залагаме за усвојување на уставните измени. Ние ова го ветивме многу пати пред граѓаните. Ќе делуваме различно од ДУИ, која толку години на власт не направи ништо за да поминат овие измени – рече Орхан Муртезани.
Оттука, јасно е дека и владејачките и опозициските албански партии се залагаат за уставни измени, со тоа што ДУИ вели дека со тоа ќе го услови формирањето на владата. Наспроти тоа, албанската опозиција вели дека овој став на ДУИ претставува алиби за полесно да се пресели во опозиција, а тие, како што велат, сакаат да дадат разумен рок од 6 месеци во кои овој процес би бил заокружен.
Во секој случај, сите албански партии инсистираат на уставни измени, кои не поминаа бидејќи власта не успеа да обезбеди двотретинско мнозинство поради противењето на ВМРО-ДПМНЕ. Како што вели опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, тоа нема да го реши проблемот со Бугарија, додека реториката на албанските партии ја гледа како дел од предизборен фолклор.
– Нивниот план за ЕУ е да ги ставиме Бугарите во Уставот, па потоа што биде – нека биде. Тоа не е план за ЕУ, тоа е продолжување на нестратешкото работење по принципот „купи ден – продај“. Ќе им ставиме крај на откажувањата и на поразите – рече Мицкоски, кој тврди дека уставните измени нема да бидат вклучени во преговорите за влада, а условите на сите партии ќе се диктираат по 8-ми мај.
Инаку, тој вели дека заедно со албанската опозиција ќе формираат реформска и проевропска влада која, како што рече, ќе ја води Македонија до 2028 година и понатаму. На почетниот предизборен митинг во Скопје, рече: „Порака до албанската опозиција – сакаме да коалицираме со вас, но и да се почитуваме како пријатели и сограѓани, и Македонците и Албанците“.
Предизборни критики за несоодветно однесување: Има ли заладување на односите меѓу СДСМ и ДУИ?
Влатко СТОЈАНОВСКИ