Пировска: Јас не знам како да ја сфатиме изјавата на Заев за национално помирување освен како амнестија

by fokus

Извршната директорка на Хелсиншки комитет, Уранија Пировска, вели дека вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев јасно упатува на понуда за амнестија имајќи ги предвид околностите околу потребата од двотретинско мнозинство за гласање на уставните измени.

-Јас не знам што значи тоа национално помирување во услови кога сите знаеме дека се решава прашање помеѓу пратениците кое ќе значи или одење на избори или гласање на уставните измени во Собрание. Не знам како поинаку можеме ние како јавност да ја толкуваме таа изјава освен како праќање на порака дека учесниците во настаните од 27 април во Собранието ќе бидат амнестирани – изјави Пировска во интервју за емисијата „360 степени“.

Сепак, според неа, амнестијата не е опција бидејќи, вели, осомничените треба да одговараат за своите дела.

-За мене тоа е неприфатливо и од аспект на тоа дека сепак живееме во правна држава каде има закони. Граѓаните долги години живееја во состојба на правна несигурност токму поради моментот на неказнивост кој ни се провлекува со години и особено кога станува збор за политичари. Да не заборавиме дека протестите на шарената револуција започнаа поради амнестија на луѓе кои беа осомничени за кривични дела. За мене ќе биде трагично и непростливо доколку се простат делата кои беа направени на 27 април – додава активистката за човекови права.

Поврзани новости