Пијан маж, на возраст од 57 години, вчера среде бел ден ја нападнал својата сопруга, со која биле во брако-разводна постапка, во дивеењето го нападнал и својот син, а ја искршил и речиси целата покуќнина.
-Во 10.20 часот, во ПС Кисела Вода, Ж.П. (50) пријавила семејно насилство. Имено додека таа била во кујната од семејната куќа, нејзиниот сопруг Л.П. (57), кој бил во видно алкохолизирана состојба и со кој била во брако-разводна постапка, физички ја нападнал удирајќи ја со тупаници и клоци во пределот на главата и телото, при што и нанел расекотини, црвенило и модринки. Исто така и нивниот син Д.П. (22) обидувајќи се да ги раздели бил нападнат од неговиот татко кој го удирал со тупаници, го фатил за врат и почнал да го дави, нанесувајќи му видливи повреди. За кратко време Л.П. повторно ја нападнал Ж.П. и при тоа ја искршил целата покуќнина од кујната и останатиот дел од куќата, информираат од МВР.
Оттаму додаваат дека и насилниот маж, бил повреден, односно бил прободен со остар предмет.
-Околу 12.30 часот од Ургентниот Центар во Скопје пријавено било дека Л.П. има убодна рана од остар предмет во пределот на грбот над бубрезите, односно констатирани му биле тешки телесни повреди (повреда на пршлен, прободена слезина и прободен бубрег). Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР.