Скок во разликата од гласови меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг

by fokus

Вториот круг од локалните избори и донесе убедлива победа на СДСМ со освоени 109.124 гласа и тежок пораз за ВМРО-ДПМНЕ кој освои 88.429 гласа. Разликата во гласови меѓу двете партии изнесува 20.695 гласа што е скок во споредба со првиот круг, кога СДСМ имаше околу 7.000 гласа повеќе од партијата на Никола Груевски.

Освен што изгуби 7.433 гласа за две недели, ВМРО-ДПМНЕ изгуби и три општини кои ги доби во прв круг. Чешиново Облешево, Пробиштип и Штип се пребоија од црвено во плаво на мапата на Државната изборна комисија.

Штип е една од општините каде што трката беше неизвесна до крај. Сепак кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Илчо Захариев не успеа да го престигне Благој Бочварски на СДСМ, кој во вториот круг освои 1.715 гласа повеќе од него.

Најмногу гласа ВМРО-ДПМНЕ изгуби во Кисела Вода и во Гази Баба. Од 16.522 глас во првиот круг, поддршката за оваа партија во вториот круг се стопи на 13.799 гласа. Во Кисела Вода, пак, Јохан Тарчуловски, изгуби 3.202 од гласовите што ги доби во првиот круг.

Најспецифичен пример има во општина Чашка каде победи кандидатот на СДСМ, Горан Стојановски. Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционата партија НДП, во првиот круг имаа по над 900 гласа. Во вториот круг, каде влезе само кандидатот на НДП, не успеа да го обезбеди истиот број на гласови. Иако би се очекувало гласовите од ВМРО-ДПМНЕ да преминат на негово конто, тој освоие само 890 гласа.

Поврзани новости