Пецаков кон Левица-Охрид ,,Актери од циркус Медрано од Али Експрес”, откако го обвинија дека потрошил 503.500 денари за софри!

by Fokus

Од Левица – Охрид со отворено писмо до медиумите реагираат дека нивната општина која имала долг од 22 милиони евра, потрошила 503.500 денари за софри и вино. Според нив, градоначалникот Кирил Пецаков како и неговите претходници продолжувал со трошење, а во охридските ресторани и хотели од јануари до ноември 2022 година биле потрошени 503.500 денари.

-Во време на голема економска криза кога обичниот граѓанин не може да ги подмири основните потреби, градоначалникот Пецаков по стапките на неговите претходници продолжува со расипничко трошење пари од граѓаните за ресторански услуги. Една од најзадолжените општини во Република Македонија со вкупен долг над 22 милиони евра, Општина Охрид, во охридските хотели и ресторани има потрошено 503,500 денари од јануари до ноември 2022 година и тоа во ресторан „Амфора“ – 193.000, ресторан „Острово“ – 147.000, хотел-ресторан „Тино“ – 83.396 и хотел „Аквалина“ – 79.314 денари. Вртоглавите цифри како доказ за зголемените апетити на локалната власт се преземени од порталот „Отворени финансии“-реагираат од партијата.

Пецаков пак, одговори на обвинувањата на својот Фејсбук профил, појаснувајќи дека лично тој никогаш ниту јадел, ниту пак пиел на општинска сметка. Според него, во два од рестораните кои Левица-Охрид ги посочила, тие немале ниту тендер.

-На политичката сцена секако дека секој потег е дозволен, ама за некои ќе треба да и да има одговорност… Заради моја коректност политичка во два наврати претходно, сум прескокнал да барам одговорност од циркузанти во политика, ама сега е време дефинитивно…

Две работи: 1. Во два ресторани од наведените немаме ниту тендер, а камо ли да имало богати софри! 2. Во ресторан Острово гордо кажувам дека сметката е од вечера на која не ни присуствував,по повод 75 години Педагошки институт и професори присутни од целиот свет или луѓето кои произведуваат просветен кадар за да не едуцираат нас и нашите поколенија. (Кај вас како локален огранок далеку од успешно очигледно), а останатата сметка во ресторан Тино е со ручеци после успешни проекти и со ЕУ амбасадорот (каде што општина Охрид доби проект финансиран од ЕУ во висина од 800.000 €) и со уште двајца амбасадори. Ниту се случило да јадам и да пијам на општинска сметка досега ниту се погоре кажано има врска со реалноста… да бидам појасен, Кирил Пецаков има потрошено 0 денари за тендери јадење и пиење, кои не се поврзани со настани, гости и прослава на патрон на градот Св. Климент Охридски, како што имало во минатото примери и 0 денари од службената картица (никаква трансакција).

Се е ова лесно проверливо. Е затоа постои институција СУД, каде што ќе треба да објасните и потоа и да понесете конечно одговорност и ќе научите дека секој кажан збор треба да тежи и да стои на место! ПС. Нарушување на угледот само по себе е лоша работа, ама уште полошо кога е од актери, членови на циркус ,,Медрано од Али експрес”- објави градоначалникот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости