Петрушевски: Луѓе блиски до Спасовски кријат милионски имот

by Fokus

Аферата тајни имоти се врти и околу луѓе кои се исклучително блиски и со министри во владата на дезертерот Ковачевски, истакна на денешната прес-конференција пратеникот Бране Петрушевски.

Денес ќе обелодениме нови детали и имиња на функционери именувани од власта кои не поднеле анкетни листови, односно не се регистрирани на страната на ДКСК.

Добрин Петрушевски член во УО на ДСУ Киро Бурназ од Куманово. Петрушевски не доставил анкетен лист. A Добрин Петрушевски и е познат на македонската јавност, по тоа што тој е сопственик на бензинската пумпа Пин Петрол на површина од 8.000м2 во Куманово, а ја гради со фирма која од основањето до градењето на бензинската станица не пријавила никакви приходи, ова беа информациите објавени во медиумите, а кои не беа демантирани. Фирмите на Петрушевски поседуваат и станица за технички преглед, за која добил пак лиценца од министерот за внатрешни рабори Спасовски, каде неговиот син беше советник за комуникации.

Симптоматично е што на отворањето еден од првите гости беше токму Оливер Спасовски со неговата сопруга.
Дали овој огромен имот е стекнат и со судир на интереси и злоупотреба на влијание, поради тоа што таткото добива лиценца од институцијата во која што е вработен синот?

Дали Добрин Петрушевски не поднел анкетен лист затоа што крие дел од овој имот и дали можеби има и друг имот кој не сака да биде виден од јавноста?

Втор функционер кој ќе го обелодениме денес, а не поднел анкетен лист, односно не е регистриран на страницата на ДКСК е Димитар Џеков, член на Надзорниот одбор на М НАВ, кој покрај голем имот во Скопје е основач и на приватната фирма Друштво за управување со приватни фондови АЛСАР ФИНАНСИСКИ ИНОВАЦИИ ДОО Скопје, и вози теренско возило Тојота РАВ4.

Што крие Џеков, и зошто не поднел анкетен лист?

Имот крие и Маја Ковачева, член на УО на ФЗОМ, која исто така не поднела анкетен лист, ниту Ќамиле Асани член на Управен одбор на Болницата во Кичево.

И во услови кога имаме систематско криење на имот, наместо санкции од институциите, имаме амнестија од ДКСК, кои наместо пријави до сите, се обидуваат да ги оправдаат дека не ги внеле во систем зошто внесуваат рачно, а во исто време излегуваат функционерите и признаваат дека не поднеле анкетни листови, како што беше примерот со адвокатот Јевтиќ и Алберт Муслиу.

Од друга страна Ковачевски наместо да ги разреши повикува само на нивна прекршочна одговорност.

Со односот на ДКСК и Ковачевски кон функционерите кои не ги почитувале законите и криеле имот, се покажува само дека и тие се соучесници во целиот процес.

Поради целиот однос на институциите кон случајот основано се сомневаме дека се крие имот и ја повикуваме УЈП, да постапи според Законот за личен доход и да утврди дали за имотот кој го поседуваат функционерите кои кријат имот платиле данок.

Според чл.76 од Законот за личен доход кога лице поседува имот или располага со средства поголеми од оданочените, кои потекнуваат од доход на кои не е утврден данок или не е доволно утврден и чие потекло не може да се докаже, органот за јавни приходи донесува решение за утврдување на данокот на тој доход. Во тој случај според чл.77 основа за пресметување на данокот претставува разликата меѓу вредноста на имотот и докажаната висина на средствата за негово стекнување. А даночната стапка според чл.78 е 70%.

Законите мора да важат за сите.

И за крај повторно прашуваме, дали Ковачевски и самиот крие имот, и затоа ги штити функционерите кои истото го правеле, а за кое имаме и признанија?

Поврзани новости