Петровска: Целиот процес на признавање на автокефалноста наскоро ќе заврши со потпишување на томосот

by Fokus

Нашата Охридската Архиепископија која е столб на национален идентитет, официјално е примена во канонско единство во сеправославниот христијански свет! Овде во седиштето на Вселенската патријаршија добивме уверување дека целиот процес на признавање на автокефалноста наскоро ќе заврши со потпишување на Томосот од Вселенскиот Патријарх г.г.Вартоломеј, напиша министерката за одбрана Славјанка Петровска на Фејсбук.

Со заедничкото денешно богослужење и врачувањето на актот за прифаќање во литургиско единство од Вселенскиот Патријарх на Архиепископот г.г. Стефан, како што посочува министерката, е направен голем исчекор до добивање на Томос за целосна автокефалност.

Благодарност за подадената рака и за оддадената чест на премиерот Димитар Ковачевски, на литургијата да го прочита Симболот на верата во име на македонскиот народ, на македонски јазик, како потврда за нашата македонска посебност и идентитет. Честитки до Архиепископот г.г. Стефан, Светиот Архиерејски Синод на нашата Црква, верниците и сите граѓани од државата, пишува Петровска.

Благодарение на Одлуката на Вселенскиот патријарх г.г Вартоломеј и потоа нејзино прифаќање од СПЦ, нагласува таа, се прекина повеќедецениската сестрана изолација и етаблирање на нашата возобновена Охридска Архиепископија како рамноправен меѓународен ентитет во православната екумена што е голем успех на нашата Црква, народот и државата.

Поврзани новости