Пријавата на МВР против Зоран Заев за оддавање државна тајна, но и демантот на шефот на УБК, Сашо Мијалков се доказ дека аудио снимките кои ги презентира опозицијата се автентични, смета претседателот на НСДП, Тито Петковски.
-Самото јавување на Мијалков дека станува збор за донација, а не за провизија кажува дека тие не ја негираат, туку дека напротив ја потврдуваат содржината на материјалите. Тука нема апсолутно никакви елемнти за кривично дело. Не станува збор за класифицирана информација ако македонската јавност добие информација дека македонската служба за безбедност добила донација и како тоа може да биде оддавање државна тајна, тоа е будалаштина. Тоа е само начин да се побегне од одговорноста, вината да се префрли врз Заев и како што бива обично да се казни аберџијата, а не оној што го направил кривичното дело. Владата не може да се извлече од ова и тие дефинитивно ја признаа автентичноста на снимките, а обидот да кривичното дело да се префрли на друга страна мислам дека е само неуспешен обид да се одбрани криминалниот начин на делување“, рече претседателот на НСДП, Тито Петковски.
Петковски уште еднаш потсети дека како претседател на комисија во собранието која има улога да ја контролира работата на тајната полиција ниту еднаш не успеале да извршат мониторинг на работата на УБК.