Груевски: Заев сака да ни ги саботира односите со Кина и Израел

by Фокус

Премиерот Никола Груевски на собирот организиран во Тетово денеска го обвини лидерот на СДСМ, Зоран Заев дека со обвинувањата за корупција поврзана со зделките со Кина и Израел свесно сака да ги саботира односите со овие пријателски земји.

– Секоја недела по уште една нова штета за нашата држава. И ај што ги слушавме како креираат лаги против секој од нас на најбрутален начин, ставајќи ги во измислен контекст своите прес-конференции, пред некој ден направија огромна, сериозна грешка и голем удар за државата сакајќи да ја уништат соработката и партнерството со земји кои со децении наназад ни помагаат во различна форма, рече Груевски.

Иако „бомбите“ на опозицијата ги нарече креирани лаги , тој сепак во своето обраќање пред тетовци се правдаше дека договорите потпишани со поединци и фирми на двете држави не се коруптивни.

– Македонија ќе ги продолжи проектите со Кина, затоа што тие се за доброто на Македонија -рече Груевски.

Во врска со обвинувањата за Израел, посочи, дека би сакал земјава да има одлични пријателски и партнерски односи.

– Во рамки на таа соработка Израел на Македонија и дала огромна помош на различен начин. Еден од тие проекти е и проектот за кој Зоран Заев зборуваше пред некој ден и изнесе лаги и навреди за нас и за нашите пријатели од државните институции од Израел. Без ронка срам ги наклевети сите, вклучително и претставниците од Министерството за одбрана на Израел кои ги објави со слика, и ги објави нивните лични податоци. Срамно и крајно штетно за државата, обвинувајќи не сите за нешто што беше голема помош на Израел кон нас, рече Груевски.

Поврзани новости