Претседателот на парламентот Талат Џафери има уставна обврска да го свика Собранието, оценува претседателот на НСДП Тито Петковски, кој беше на чело на вториот состав на законодавниот дом.
Во интервју за „Слободен печат“, Петковски вели дека не случајно во Уставот се предвидени само две ситуации за повторно свикување на парламентот, во услови на вонредна и на воена состојба.
„Мислам дека спикерот Џафери, уште првиот пат при прогласувањето на вонредна состојба направи грешка што не го свика Собранието, иако според Уставот и шефот на државата го има тоа право. Тезата на претседателот на Собранието дека еднаш распуштено Собрание не може повторно да се свика е погрешна од две основни причини. Првата е што во Уставот има норма која предвидува дека Собранието е во постојано заседавање, и втората е дека мандатот на пратенците завршува со изборот на новиот состав на Собранието. Уставот е дециден – мандатот на пратениците истекува до изборот на новиот состав на Собранието и тоа е основот поради кој тој се уште е претседател на Собрание, а пратениците се се уште пратеници со мандат во парламентот. Тоа значи дека овој собраниски состав се уште го има суверенитетот на граѓаните“, – истакна Петковски.