Кривична пријава за фирмата од која БЈБ заплени над еден тон марихуана

by Fokus

Министерството за внатрешни работи се огласи денеска со официјално соопштение за синоќешната акција на Бирото за јавна безбедност, во координација со Обвинителството во Кавадарци, во која беа запленети повеќе од еден тон марихуана во магацин во скопската населба Бутел.

„Министерството за внатрешни работи – БЈБ, Одделот за криминалистичка полиција, во рамките на засилените мерки во борбата со недозволена трговија со дрога, во координација и по насоки од Основно јавно обвинителство – Кавадарци, на 22 април, во магацин  во скопската населба Бутел пронајде и одзеде 12 дрвени палети во кои биле складирани 1.240 килограми наркотична дрога- марихуана, спакувана во  повеќе полиетиленски вакумирани пакувања и полиетиленски вреќи“ – информираа од МВР.

Како што е соопштено, во периодот од крајот на јуни до октомври 2019 година, на необезбедена парцела со површина од околу 30 хектари на подрачје на село Сопот, општина Кавадарци, правно лице со седиште во Скопје, со други правни субјекти, извршило засадување на индустриски коноп, без дозвола од соодветна комисија. По налог на јавен обвинител, лани на 2 октомври, е извршен увид и се одземени мостри за вештачење од конопот.

Вештачењето покажало дека засадениот коноп претставува опојна дрога –марихуана чие што одгледување е регулирано со Закон за контрола на опојни дроги. На 22 април повторно се дадени насоки од јавен обвинител од Кавадарци, за да се обезбеди претставникот на правното лице Н.Ј (42) од с. Жилче, општина Јагуновце, со цел да се изврши службен разговор со него, а марихуаната која била складирана во магацинот во Бутел да биде одземена и да се изврши дополнително вештачење. Потоа се извршени уште две вештачења, кои покажале дека материјалот одземен за вештачење претставува опојна дрога марихуана со вршунки, цвет, семе и присуство на ТХЦ материја, која, како што се посочува, е забранета според Закон за контрола на опојни дроги.

МВР соопштти дека против претставникот на правното лице и правното лице ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „неовластено производство, пуштање во промет на психотропни супстанци и прекурсори“. Одземената марихуана,  заедно со кривичнта пријава, ќе бидат доставени до ОЈО Кавадарци за понатамошна постапка во текот на денешниот ден.

Поврзани новости