Карло Ромео: Пандемијата покажа дека ни треба „повеќе Европа“, а не „помалку Европа“

by Fokus

„НАТО и ЕУ се конкретна надеж за поголем економски и социјален развој на Северна Македонија, кои произлегуваат од припадноста кон овие две меѓународни организации. Од денес, историското пријателство кое ги врзува нашите две земји уште повеќе се засилува“, прогнозира амбасадорот на Република Италија, Карло Ромео.

Со господинот Ромео разговаравме за состојбите во Италија, како најпогодена европска држава од Ковид 19, за првичната „солидарност“ од Брисел, за италијанската поддршка на нашата евроинтеграција…

Инаку, Карло Ромео е амбасадор во Скопје од август 2016 година.

Разговараа: Јадранка КОСТОВА

                 Александар ДИМИТРОВ

ФОКУС: По повеќе од еден месец, крајно вознемирувачки и трагични информации за италијански граѓани погодени од Ковид-19 – околу 162.500 заразени и заболени, над 21.000 починати и повеќе од 37.000 излечени (ова се состојби на 14 април, кога се печати „Фокус“ – н.з.) – последниве денови бројот на заболените и на починатите се намалува. Дали Италија постепено излегува од оваа тешка здравствена криза предизвикана од пендемијата?

     РОМЕО: Ситуацијата во Италија, во Европа и во останатите делови од светот е крајно сериозна, затоа што се работи за пандемија. Само да потсетам дека Италија е првата земја во Европа што го искуси ваквото широко распространување на вирусот. Ете, повеќе од месец дена како Италија се наоѓа на прва фронтална линија, со огромни жртви во смисла на загубени човечки животи.

Сепак, Италија реагира со големо чувство на одговорност, дава отпор и сигурен сум дека ќе исплива од ваквата ситуација. Меѓу другото, самите бројки за заразеност во последните денови покажуваат тенденција на подобрување, а тоа се должи на важните мерки за справување преземени од Владата. Битно е сега да се продолжи во тој стил, да нема опуштање.

ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ НИ ДАВААТ ПОГОЛЕМА НАДЕЖ

ФОКУС: Кои се причините за толку високите бројки на заразени и на смртни случаи во Вашата земја? Познато е дека италијанскиот здравствен систем е мошне развиен и екипиран, а лекарите и медицинскиот персонал добро обучени и ефикасни. Исто така, италијанската влада навремено, уште при првите случаи, донесе бројни сериозни мерки за справување со коронавирусот.

РОМЕО: За жал, преокупирани сме со бројни тешкотии за справување со здравствена криза од досега невидени размери, не само во Италија, туку и во други земји, криза предизвикана од вирус што никој не го познава и за кој сѐ уште не се знае временскиот период што ќе биде потребен да се изготви вакцина – единствената вистинска мерка за истиот да се победи, а за која се надеваме дека ќе ја добиеме во најбрзо можно време.

Сепак, италијанската влада е меѓу првите во светот што воведе мерки на социјално дистанцирање и драстично и ригорозно затворање, а истите потоа беа прифатени и применети во многу други држави во светот. Како што велите самите Вие, италијанскиот здравствен систем – јавен и бесплатен за сите – е меѓу најдобрите во светот, но беше изложен на силен притисок уште од самиот почеток.

Сепак, генерално, опстојува и статистиките од последните денови ни даваат поголема надеж. Дозволете ми, во овие тешки мигови, да им се заблагодарам на италијанските лекари, медицинскиот персонал, како и на сите вработени во здравствениот сектор за сето она што го прават: неверојатен напор со огромна професионалност и смисла за одговорност, дури и со плаќање на највисоката цена, т.е. загуба на сопствениот живот.

ФОКУС: Има повеќе анализи во италијанските медиуми дека во прво време, граѓаните не ги сфатиле сериозно и не ги почитувале мерките на владата за ограничување на движењето и за изолација, што е најефикасно да се спречи ширење на заразата. Дали е некаков фудбалски натпревар? Или големиот број кинески граѓани, околу 100.000 што работат во Ломбардија, а кои не биле тестирани по враќањето од Кина?

РОМЕО: Сметам дека опасноста на овој вирус, како и неговиот висок степен на заразливост го изненадија целиот свет, дури и оние земји опфатени од пандемијата во една секундарна фаза во однос на Италија. Најверојатно насекаде го имаше проблемот на неподготвеност и, во најпрвичната фаза, грешки од типот потценување кои се должат, пред сѐ, на една нова криза за која никој не беше подготвен.

Како што е и кажано од авторитетни извори, вирусот во Италија е познат од релативно скоро време (средината на месец февруари) и, следствено, постојат многу работи кои сѐ уште не се познати за него. Не знаеме со сигурност колку време веќе циркулирал, дали се раширил во нашата земја затоа што примероците сѐ уште не се репрезентативни и процедурите не се хармонизирани. Денес се говори само со проценки, за точните податоци ќе треба да се почека.

Сепак, ќе нагласам дека по Кина, Италија е првата земја во светот која беше тешко погодена, и тоа со многу брза динамика. Генерално, огромното мнозинство Италијанци ја сфатија досега сериозноста на кризата, реагирајќи со зрелост и во хармонија со сериозноста на ситуацијата, со почитување на мерките за социјална дистанцираност, како и другите мерки за лична и јавна хигиена препорачани од владата.

ОД ЕУ ОЧЕКУВАМЕ СОЛИДАРНОСТ

ФОКУС: Епидемијата Ковид-19 предизвика и огромни економски и финансиски последици. Има ли некакви првични сознанија за економските штети во Италија, која е меѓу 7-те најразвиени земји во светот и трета економска сила во ЕУ, но и со голем национален долг?

РОМЕО: Кога станува збор за здравствена и социјална криза, корона вирусот е криза без параметри на споредба во блиската историја; криза која и Италија и другите земји ја живеат и со која допрва ќе треба да се справуваат затоа што нејзините економски ефекти ќе се чувствуваат подолго време. Минатиот месец март, италијанската влада донесе серија силни економски мерки, како и мерки за заштита на здравјето при работа, дел од пакетот мерки за справување со кризата.

Покрај човековото здравје, кое за Италија е од примарно значење, треба да се протежира и економијата, која не може да трпи блокада, нашите активности, нашиот извоз. Треба да се обмисли вистинска брана за заштита на компаниите, фамилиите и вработените, кои не можат да го изгубат работното место. Секако, се работи за првични мерки по кои треба да следат нови. Но, покрај одлуките за повторно отворање некои производни гранки, кои ќе бидат усвоени од владата во најскоро време, одговорното однесување за социјална дистанцираност и лична и јавна хигиена нема да може да биде архивирано.

ФОКУС: Ќе бидат ли доволни оние 400 милијарди евра кои владата ги деблокира за да им помогне на фирмите погодени од последиците на корона вирусот, од кои 200 милијарди за внатрешниот пазар и 200 милијарди за поддршка на извозот?

РОМЕО: Ваквите мерки предвидуваат сума од околу 750 милијарди евра од т.н. укази „Cura Italia“ и „Liquidita“. Само понатаму, кога ќе заврши оваа здравствена криза, ќе може да се види дали ќе треба да се користат и други финансиски извори за адекватно справување со економската криза.

ФОКУС: Во првите денови на пандемијата, во Италија, која тогаш беше најпогодена земја, се доби впечаток дека отсуствуваше европската солидарност. Додека во Брисел размислуваа, Кина и Русија испратија значителна медицинска помош на Италија. Се менуваат ли работите, особено по пораката на претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен „Италијанци извинете, сега ЕУ е со вас“ и одговорот на премиерот Џузепе Конте „Драга Урсула, слушам идеи кои не се достојни на Европа“?

РОМЕО: На почетокот на кризата во Италија, не можеше да се забележи поголема солидарност. Сведоци сме и на однесувања окарактеризирани со егоизам, ирационалност и кусогледост. Изгледаше како проблемот да е само италијански. Всушност, како што гледаме, Италија беше само првата европска земја погодена од надвор. Кризата е италијанска, но стана и европска и светска. Што значи дека од ЕУ очекуваме солидарност и потези координирани на европско ниво, со соодветни здравствени и економски мерки. Ова е моментот на храбри и тешки избори, заеднички избори.

По првите мигови на потценување на кризата, одговорот од ЕУ и Централната европска банка (по некои опасни почетни колебања) дојде со важни економско-финансиски мерки, но треба да се оди и понатаму. Особено во оваа кризна ситуација, најтешката по повоениот период, се мисли на крајот и по Втората светска војна, кога ние сакаме „повеќе Европа“, а не „помалку Европа“, Европа која ќе биде солидарна според вредностите врз кои се родила и се темели. Другото е непроменето.

Да напомнам дека Италија не доби помош само од Кина и од Русија – и секако од ЕУ – туку и од Германија, САД (од каде сѐ уште ќе следи помош, според неодамнешните изјави на претседателот Трамп), Франција, Норвешка, Полска, Албанија, Романија, Куба, Катар итн., само да споменам некои земји.

КРИЗАТА НЕ Е „АСИМЕТРИЧНА“ КАКО ОНАА ОД 2008-2009

ФОКУС: Брисел сега најавува Маршалов план за Европа. Тоа би биле масовни инвестиции за да се излезе од кризата, да се зачувуваат животите и да се крене економијата, за што во ЕУ веќе биле собрани 2,8 билиони евра. Колку оваа сума е реална? Што ќе значи за Италија, за најпогодените земји-членки на ЕУ и дали евентуално ќе ги опфати и земјите-кандидати?

РОМЕО: Не сум сигурен дека бројката е таа; според некои проценки, за земјите од ЕУ ќе бидат неопходни ресурси од помеѓу 1.000 и 1.500 милијарди евра (сѐ уште не се сите одобрени). Покрај важните интервенции од Европската централна банка врз финансискиот пазар, Еурогруп (т.е. групата што ги обединува министрите за финансии од евро зоната), минатата недела предложи и друга помош за малите и средни претпријатија, и тоа преку Европската банка за инвестиции (ЕБИ); подршката кон националниот Wage Guarantee Fund предложена од Европската комисија (насловен како „Sure“); позајмици од The European Stability Mechanism (ESM) за справување со директните и индиректните трошоци во здравството, но без другите вообичаени редовни условувања. Се разгледува и друг важен и иновативен предлог за креирање финансиски фонд за заеднички обврски, врзан за буџетот на ЕУ, за финансирање на економско обновување (т.н. Recovery Fund).

ФОКУС: Сепак, сите предлози треба да поминат низ процедури.

РОМЕО: За ваквите мерки, особено за последната, треба да се изјасни Европскиот совет, и тоа на 23 април о.г. Се работи за преговори кои не се лесни, но се фундаментални за ЕУ, која со ова ќе треба конкретно да покаже единственост и солидарност, т.е. споделување меѓу сите земји-членки на заложбата за економско обновување, веднаш штом ќе заврши здравствената криза, во ситуација на криза која не е „асиметрична“ како онаа од 2008-2009, туку е „симетрична“, т.е. ги погодува сите.

Синтетизирано, како што нагласи Министерот за надворешни работи и меѓународна соработка, Луиџи ди Мајо, „во Европа треба да се пронајде најдобриот можен договор“. Северна Македонија, како земја кандидат, може веќе да смета на поддршка од 66 милиони евра од страна на ЕУ, како и право на користење на т.н. „EU Solidarity Fund“; други ресурси понатаму ќе бидат достапни како макрофинансиска помош на ЕУ кон сите земји од Западен Балкан.

ИТАЛИЈАНСКИОТ СТАВ БИЛ ОТСЕКОГАШ СИЛЕН

ФОКУС: Во услови на глобалната пандемија, Република Северна Македонија заслужено ја оствари првата стратешка цел – формално стана полноправна членка на НАТО. И второ, лидерите на земјите-членки одлучија дека треба да ги почнеме преговорите со Европската унија. Вашиот коментар, бидејќи италијанските влади, како и Вие лично, бевте и сте силни и гласни поддржувачи на нашиот евроатлантски пат?

РОМЕО: Седмицата од 22 до 29 март беше навистина историска за Северна Македонија затоа што впрочем се реализира еден од двете стратешки цели на земјава – влезот во НАТО како официјална членка, но и се утврди почнувањето на преговорите за влез во ЕУ. Се работи за суштински резултати, постигнати од Скопје со повеќе години работа и за кои Италија, членка основач на Северноатлантската алијанса и на ЕУ, отсекогаш давала силна и искрена поддршка, за стабилност на земјата и на цел Западен Балкан, како стратешки регион од другата страна на Јадранот, со кој постојат длабоки историски, политички, социјални и економски врски.

Но, не само поради тоа: и заради конкретната надеж за поголем економски и социјален развој на Северна Македонија кои произлегуваат од припадноста кон овие две меѓународни организации. Од денес, историското пријателство што ги врзува нашите две земји уште повеќе се засилува. Се работи за уште еден важен чекор кон уште потесна соработка.

ФОКУС: Во однос на проширувањето на ЕУ, ставот на Италија е дека Западен Балкан е дел од Европа и треба да биде дел од ЕУ што е можно побргу. Со одлуката за почнување преговори се остварија барањата и очекувањата и на Вашата влада. На што се должи оваа долгорочна позиција на Италија?

РОМЕО: Северна Македонија и Западен Балкан географски веќе припаѓаат на Европа: треба да се почне со прогресивна интеграција кон ЕУ. Особено што се однесува до Северна Македонија, италијанскиот став бил отсекогаш силен, кохерентен и реален, дури и во најтешките моменти како оној после Европскиот совет од минатиот октомври, во лице на „n“-тото по ред одложување на одлуката за почнување преговори. Токму благодарение на италијанската иницијатива, темата на проширување остана во европската агенда, без оглед на опозицискиот став на некоја ЕУ земја.

Паралелно се интензивираа билатералните политички односи, и тоа на највисоко ниво, со посетите во Рим на претседателот на Републиката Пендаровски, тогашниот премиер Заев и, минатиот февруари, со посетата на Скопје од страна на министерот за надворешни Ди Мајо, кој, неодамна, имаше многу срдечен телефонски разговор со македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, честитајќи му за важното достигнување, благодарејќи ѝ на неоспорната италијанска акција. Започнувањето на преговорите претставува и правично признание на големите жртви и напори во реформска смисла, направени во последните години од страна на Северна Македонија

ПРЕГОВОРИТЕ СЕ ДОЛГ И МНОГУ ТЕХНИЧКИ ПРОЦЕС

ФОКУС: Европскиот совет ја задолжи Европската комисија да ја дефинира преговарачката рамка, која Советот треба да ја усвои и првата меѓувладина конференција, што значи формалниот почеток на преговорите, да се случи во најскоро можно време. Со оглед на состојбата со пандемијата, тоа е крајно неизвесно. Сепак, од Брисел најавуваат дека преговарачката рамка би била готова во мај. Вие тврдите дека Северна Македонија е подготвена да почне преговори. Од каде произлегува оваа Ваша оцена. Да не е преоптимистичка?

РОМЕО: Теоретски гледано, Комисијата се надева да го предложи нацртот за преговарачка рамка со Северна Македонија во контекст на годишниот „пакет за проширување“, кој што би требало да се публикува околу мај/јуни оваа година. Следователно, Советот ќе треба да потврди едногласност за преговарачката рамка пред да се свика првата Меѓувладина Конференција. Во пресрет на таквите неизвесности (поврзани пред сѐ со пандемијата), се надеваме дека првата Конференција ќе може да биде свикана пред крајот на 2020 година.

Северна Македонија е веќе спремна да ги започне преговорите, како што и е потврдено од страна на Советот во месец март оваа година. Како што знаеме, преговорите се долг и многу технички процес со цел реформи во земјата, адаптација на истата кон т.н. „acquis communautaire“ и за крај, подготовка на земјата за влез во ЕУ кога ќе созреат условите.

ФОКУС: Што се случува со италијанските граѓани што живеат и работат во Северна Македонија? Која е нивната бројка и дали останаа овде или се вратија во Италија?

РОМЕО: Врз база на нашите податоци, во Северна Македонија живеат редовно околу 460 италијански граѓани. Според информациите со кои располагаме, тие се останати во земјава. Во моментот амбасадата – верувајте, по пат на многу сложена организација – помогна да заминат во Италија повеќе од 75 лица, меѓу кои италијански државјани со привремен престој во Северна Македонија, двојни државјани италијанско-македонски, како и македонски државјани со дозвола за престој кои живеат и работат во Италија и кои мораа да се вратат во нашата земја заради итни причини.

Рамка 1

НЕ СМЕ ВО МОЖНОСТ ДА ГИ ПРЕДВИДИМЕ НЕГАТИВНИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ВРЗ НАШИТЕ ТРГОВСКИ ОДНОСИ

ФОКУС: Италија е еден од најголемите надворешно-трговски партнери на Северна Македонија. Вкупната трговска размена постојано се зголемуваше, во 2018 година беше околу 615 милиони евра, а за 2019 година се очекуваше да биде над 700 милиони евра. Сигурно е дека кризата со пандемијата неповолно ќе се одрази врз овие резултати и состојби. Иако е тешко да предвидува, прашањето е колку?

РОМЕО: Според податоците кои сè уште не се дефинитивни, билатералната трговска размена меѓу Италија и Северна Македонија за 2019 година изнесува 645 милиони евра, со раст од 5 отсто во однос на 2018 г., со уште еден одличен перформанс на италијанскиот извоз, кој ја надмина сумата од 470 милиони евра (+9,5 отсто во однос на 2018). Се работи за бројки кои укажуваат на константен пораст во последниве години. За жал, сè уште не сме во можност да ги предвидиме негативните последици врз нашите трговски односи, а кои се должат на здравствената криза. Се надеваме да продолжиме по патот на билатералниот економски прогрес на трговски и инвестициски план што е можно побрзо.

Рамка 2

ПЕРИОДОТ Е ТЕЖОК И ЗА ДИПЛОМАТИТЕ

ФОКУС: Дипломатијата и изолацијата не одат заедно. Изолираниот и без комуникација дипломат е како риба на суво. Како Вие и Вашите колеги, но и дипломатскиот состав на италијанската амбасада се справувате со сегашната состојба на ограничено движење?

РОМЕО: Вистина е, периодот е тежок и за дипломатите. Модерната технологија на полето на комуникациите може сепак доста да помогне за да се придржуваме кон разните форми на социјално дистанцирање но, личните односи и слободата на движење се нешто незаменливо во светот на дипломатијата. Сите оддели на Амбасадата на Италија се отворени, дури и конзуларниот како директен сервис за јавноста. Сепак, базирајќи се на инструкциите добиени од Италија и соодветно на македонските правила за актуелната криза, работиме со редуциран број на персонал (неопходен минимум) и организираме смени, работа од дома („smart working“), виртуелни состаноци, давајќи приоритет (во оваа фаза) кон итната асистенција на италијанските државјани.

Поврзани новости