Секогаш сме се придржувале до коалицискиот договор и постојната рамковна позиција на Бугарија за Република Северна Македонија. Нема никаков документ што е потпишан од бугарска страна, изјави денеска во Стара Загора бугарскиот премиер Кирил Петков, јави дописникот на МИА од Софија.
Изјавата на Петков доаѓа по вчерашната изјава на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека има документ како основа за договор со Бугарија прифатлив за македонската страна, но се уште нема одговор дали тој е прифатлив и за Софија, посочувајќи дека кога ќе има согласност по однос на кој било документ како основа за договор со Бугарија, пред да се стави потпис ќе ја информира јавноста и пратениците.
Петков, кој утре доаѓа во земјава, рече дека „неговата посета е за да ја покаже силната задача на бугарската Влада да ја поддржи бугарската заедница во Македонија“.
– Верувам дека во моментов и Владата на Република Северна Македонија е свесна за тоа каков голем приоритет е ова за Бугарија и заеднички работат на подигање на приоритетот на овие луѓе во македонското општество, рече Петков.
Според него, фактот што утре ќе бидат толку многу луѓе од различни партии таму, покажува една поддршка за бугарската заедница.
– Во исто време се надевам дека она што сите го кажавме, дека Република Северна Македонија треба да биде дел од Европа, дека и од двете страни ќе се движиме позитивно во таа насока, рече Петков.