Надградбата е многу јасна, објективна и структурирана и ќе биде прашање на вистинска работа, а не на говори и политички пароли, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков за односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија по денешната седница на бугарската Влада, јави БТА.
-Вчера добив повик од Зоран Заев да ми ја честита функцијата. Ја разгледавме идејата за работни групи за која разговаравме во текот на кампањата. Тие ќе се структурираат што е можно поскоро, и се надевам на почетокот на јануари дека ќе имаме јасен план кои ќе бидат тие групи. Вклучувајќи го и она за што разговаравме утрово – да вклучиме повеќе култура, инфраструктура и економија како надополнување покрај историјата. Треба да направиме акциски план и на почетокот на јануари овие работни групи да имаат реални резултати, да дадат идеја да ги унапредиме преговорите на пооперативен план, додаде Петков.
-Кај Заев има промена, тој самиот очекува дека ќе има нов премиер на почетокот на следната година, што ќе даде добар севкупен почеток, рече Петков за неговиот разговор со премиерот на Република Северна Македонија.
Петков посочи и дека не тој, туку шефот на државата Румен Радев ќе отпатува во Брисел за да учествува на заседанието на Европскиот совет.
-Претпочитам мојата прва посета на Брисел да не биде оваа недела, бидејќи им давам приоритет на вистинските проблеми што треба да ги решиме денес. Некои луѓе рекоа дека можеби ќе имаме 100 слободни денови, но не, испадна дека имаме само едно попладне и една вечер, синоќа. Од овој аспект, претседателот Румен Радев ќе оди во Брисел, рече премиерот Кирил Петков.