Власта и опозицијата со различни ставови за Предлог-буџетот

by fokus

Собранието денеска ја продолжи расправата за дополнетниот Предлог-буџет за 2022 година, кој е проектиран на 4,4 милијарди евра.

За власта, Предлог-буџетот има силна развојна компонента и е во насока на подобрување на секојдневното живеење на граѓаните во услови на здравствена и енергетска криза, додека опозицијата смета дека се работи за мегаломански буџет во кој фиктивно се предвидени голем број капитални инвестиции.

– Овој буџет е добар, не е идеален и токму затоа се прифатени голем број од амандманите од опозицијата. Тоа укажува на транспарентноста и инклузивноста при носењето на буџетот. Со буџетот даваме силна поддршка на сите граѓани, поддршка на забрзаниот економски раст, успешното закрепнување на компаниите, сериозна поддршка на евроинтеграциите, ги зголемуваме платите и ја правиме поефикасна администрацијата, рече Дарко Каевски од СДСМ.

Според Љупчо Пренџов од ГРОМ, земјава е на дното во регионот по стапката на инфлација, странските инвестиции и невработеноста. Во 2020 година, како што посочи, државата исплатила 145 милиони евра за камати за јавен долг.

– Македонија јавниот долг го зголемила за 17 проценти, Словенија за 9,7 проценти, Хрватска за 13 проценти, Албанија за 8,3 проценти и Косово за 6,3 проценти. Како држава во овие кризи најмногу сме задолжиле, рече Пренџов.

Забележа дека во Предлог-буџетот зголемени се средствата во ставките договорни услуги, договори на дело и разни трасфери, додека намалување има во средствата наменети за привлекување странски инвестиции, а за аерозагадување нема предвидено пари.

Расправата за Предлог-буџетот продолжува по редовната едночасовна пауза во 15:30 часот.

Поврзани новости