Пешевски: Зад писмото на Мијалков стои поголема група на луѓе

by fokus

Мислам дека при пишувањето на писмото на Мијалков му имаат помогнато и други луѓе со свои информации, сугестии и мислења, па јас го гледам како писмо на една поголема група на луѓе кои се нашле засегнати од последните одлуки на ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, вели Владимир Пешевски, поранешен вицепремиер за економски прашања и поранешен член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, откако поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, му се обрати на актуелниот претседател на партијата, Христијан Мицкоски, преку писмо објавено во медиумите.

За „Дојче Веле“, Пешевски вели дека е интересно споменувањето на предметот „Талир“ на СЈО, за финанскиски криминал во партијата. Мијалков во своето писмо вели дека името на Мицкоски фигурирало во предистражната постапка на предметот, но дека го сменува кога се отвора истрагата.

-Бидејќи веќе подолго време не сум член на ниту едно партиско тело, не можам од прва рака да ги коментирам овие случувања внатре во партијата. Но, писмото има и сериозна лична димензија, бидејќи Мијалков се повикува самиот на личната комуникација што ја имале со Мицковски подолг период, и тука освен нив двајца, навистина е тешко за кој било од страна да знае што навистина се случувало меѓу нив. Делува дека определени меѓусебни ветувања и очекувања не биле исполнети. Интересно е што Мијалков во писмото отвора дилема за истрагата во предметот ‘Талир’ за кој СЈО досега нема покренато обвинение, и ќе биде интересно и важно за ВМРО-ДПМНЕ да се види како ќе се одвива овој предмет, кон кого ќе биде насочен, а кон кого нема, кој какви изјави дал во истрагата и слично – вели Пешевски.

Според него, „такви дилеми постојат и за уште неколку други предмети на СЈО и за улогата на поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои и покрај своето интензивно партиско ангажирање во периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, сега ги нема во ниту еден случај на СЈО или пак се изоставени во некои од обвиненијата и новите истраги”.

-Веројатно времето ќе ги расчисти овие дилеми. Следува веројатно прилично тежок период за раководството на ВМРО-ДПМНЕ и за целата партија, и ова писмо само тоа го навестува. Според мене е најважно колку што е можно побрзо да се поправат односите на партијата со меѓународната заедница, да се фати сериозен приклучок и учество во реформските процеси, особено на правосудниот систем, а за партијата најдобро е колку што може вмровските работи да се решаваат внатре, наместо преку медиумите. Ако се погледне наназад, ВМРО-ДПМНЕ имало историја на вакви разидувања, но речиси без исклучок подоцна доаѓало и до некакво помирување. Затоа е важно секој да биде внимателен во реториката, зошто полесно заздравува нешто што е пукнато, од она што е скршено -, сугерира поранешниот вицепремиер.

Поврзани новости