Скопски ресторан им забранува влез на жени со хиџаб, обвинува Мрежата за заштита од дискриминација

by fokus

Мрежата за заштита од дискриминација обинува дека во познат ресторан, кој се наоѓа во центарот на Скопје, им е забранет влез на жени кои носат носат традиционална муслиманска облека.

Жена која имала негативно искуство во ресторанот се обратила до Хелсиншкиот комитет за човекови права каде пријавила дискриминација врз основа на религија и верско уверување.

„Странката заедно со две пријателки се обидела да влезе во ресторанот, каде пристапот им бил ограничен со објаснување дека без резервација не може да бидат услужени. Во моментот кога се обиделе да влезат во ресторанот странката носела хиџаб, додека нејзините пријателки не. Лицата го напуштиле ресторанот, каде десетина минути подоцна, една од пријателките на странката се вратила во ресторанот и без никаков проблем добила маса без претходна резервација. Таа пробала да дознае зошто не ѝ бил дозволен пристап во ресторанот на нејзината пријателка која носела хиџаб и дали ресторанот им забранува пристап на жени и девојки кои носат хиџаб, на што не добила одговор и си заминала“, велат од Мрежата.

Хелсиншкиот комитет за човекови права, додаваат од таму, за овој случај поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, а постапката сѐ уште е во тек.

„Мрежата за заштита од дискриминација ја повикува Комисијата за заштита од дискриминација во рамките на своите овластувања да го истражи случајот, да утврди дискриминација врз основа на религија и верско уверување, да му препорача на ресторанот да ја отстрани повредата на правото и во иднина да престане со дискриминаторската пракса на ограничување на пристапот до јавни добра и услуги на жените од муслиманска верска припадност кои носат традиционална муслиманска облека“, посочуваат од таму.

Поврзани новости