Вицепремиерот Владимир Пешевски преку својот Фејсбук профил и се обрати на јавноста, откако утрово физички го нападна Саше Политико кој се обиде да му постави прашање.
-Агресивноста никогаш не била својствена за мојот карактер, ниту пак сметам дека таа може да биде решение за проблемите. Мојата денешна постапка беше водена од одбранбениот инстинкт, емоциите и крајно негативното претходно искуство со лицето Саше Ивановски. И покрај тоа што целата ситуација беше испровоцирана, сепак мојата реакција беше пресилна, напиша Пешевски.
Понатаму, вицепремиерот објаснува дека пред физички да се пресмета со Саше Политико, имало провокации кон неговата маса од соседна маса од други лица, кои потоа го снимиле целиот настан.
-Кога се појави Ивановски, и јас решив да си одам, знаејќи дека се работи за лице кое се поврзува со голем број на инциденти, со нестабилно однесување, и лице кое и претходно има направено инвазија на мојот личен простор. Потоа, кога ми се приближи од зад грб, реагирав одбранбено и инстиктивно. Мојата реакција беше пресилна и преемотивна, но при тоа сепак немаше никаков физички контакт меѓу мене и Ивановски, што може да се види ако внимателно се погледне снимката, објасни Пешевски.