Пензионерите кои примаат само пензија не мора да се регистрираат за персонален данок до 2024 година

by fokus

До 2024 година се одложува обврската за пензионерите да вршат интернет регистрација за персонален данок, доколку нивните приходи се само од фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Ова е предвидено со новиот закон за личен доход, кој денеска го презентираше директорката на УЈП Сања Лукаревска.

-Со новиот закон за личен доход се предвидува во наредните седум години да се одложи обврската за доставување на годишна даночна пријава од страна на УЈП до граѓаните кои оствариле доход само од пензија исплатена од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Тоа значи дека во даночните периоди од 2018 до 2024 година пензионерите кои не оствариле друг приход освен пензија се ослободени од било каква обврска кон УЈП – рече Лукаревска.

Како што рече Лукаревска според податоците на УЈП обврска да пријават е-персонален данок, имаат само 45.000 пензионери, кои и досега пријавувале дополнителни приходи.

Инаку, до денеска се пријавени 300 илјади граѓани преку е-регистрацијата, или една третина, односно остануваат уште 600.000 граѓани да ја завршат оваа обврска.

Поврзани новости