Претседателот Стево Пендаровски во интервју за грчкиот весник Етнос укажува дека Русија продуцира исклучително сериозни хибридни закани кон целиот Балкански регион, особено политичка пропаганда и кампања на дезинформации.
„Во Северна Македонија, нивната комплексност и интензитет се исти како оние во 2018 година, за време на референдумот по Договорот од Преспа. Немам целосни сознанија за останатите земји, но неколкуте кревки точки во регионот и се добро познати на Москва и таа секако се обидува да пенетрира“, вели Пендаровски.
Во однос на францускиот предлог, претседателот Пендаровски повтори дека за него тоа е своевиден преоден компромис со попатна вметната блокада.
„Ние по 17 години во чекалната конечно би ги отпочнале преговорите за членство и тоа е најголемата придобивка од него. Сепак, по процесот на скрингот постои еден предуслов за продолжување на преговорите а тоа е амандманот со кој треба да се вметнат Бугарите во македонскиот Устав. Имајќи ја предвид актуелната политичка поделеност, мошне се слаби шансите дека која било политичка партија би можела да обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот кое би ја поддржало таа уставна измена“,смета шефот на државата.