Кандидатот за претседател на СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски, го искритикува односот на својот противкандидат, Гордана Силјановска, и нејзините изјави за пресудите изречени во предметот за „27 април“.
Од Свети Николе, каде што беше на средба со граѓаните, Пендаровски порача дека Силјановска го релативизирала настанот.
„За жал ВМРО-ДПМНЕ и нејзиното сегашно раководство, не смогнаа сила да го осудат тој чин, да се оградат од насилниците и да побараат извинување од сите Македонски граѓани. Уште полошо, кандидатот на таа партија за претседател на државата, го релативизираше настанот и рече дека некои други луѓе кои беа на страната на жртвите, требало да бидат процесуирани, а не насилниците кои посегнаа по животот на пратениците“, рече Пендаровски.
Како претседател, додаде тој, негова прва и основна задача, ќе биде да ги штити граѓаните и нивните права и слободи.
„И жестоко ќе се спротивставам на секој обид ако некој сака тие права и слободи на граѓаните да ги лимитира или да ги одземе. Република Северна Македонија не може да оди напред и не може да биде третирана како демократска држава со луѓе кои сакаат да не вратат во мрачното минато и со луѓе кои немаат доблест да се извинат за она што партијата која сега ги предлага за највисоката функција во државата го има направено пред неколку години“, рече Пендаровски.