Намалена е поддршката на граѓаните за членство во ЕУ, довербата опаѓа, а и во целина – нема добри вести во регионот околу проширувањето. Економската интеграција треба да оди паралелно со политичката. Доколку овие процеси се движат одвоено, како што постојат заложби, можно е да имаме извесен економски раст, но да бидеме управувани од автократи.
Подлогата за тоа е поставена, антизападната реторика во медиумите во целиот регион е во неверојатен пораст и има тенденција да стане доминантна ако веќе не е, а и како регион назадуваме во демократијата, рече претседателот Стево Пендаровски на денешата амбасадорска тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“.
Според Пендаровски, ако земјава и годинава не ги почне преговорите со ЕУ, ќе комплетира 17 години чекање пред вратата со што значително ќе се приближи до неславниот рекорд на Турција.
Тој порача дека ЕУ нема ниту една рационална, стратешка или тактичка причина да се плаши од влегувањето на Западен Балкан зашто и економскиот и демографскиот ефект на сите шест земји би бил далеку помал од влезот на која било друго држава што претходно станала член.
-Се повеќе анкети покажуваат дека се намалува поддршката за европските интеграции, се намалува повеќе од просекот на Западен Балкан или, со други зборови, се повеќе наши граѓани се изјаснуваат во прилог на некоја од можните алтернативи на ЕУ. Генрално, сликата не е толку темна и лоша. Се уште добро котираме во тој дел зашто направивме прилично тешки компромиси за кои плативме голема цена, а дел од таа цена е намалената поддршка од граѓаните, рече Пендаровски.
Тој напомена дека без поддршка на граѓаните, курсот на надворешната политика не може да биде одржлив. Но, важен сегмент за одржливоста, укажа, е и борбата против клиентелизмот и корупцијата.
-Ако сакаме да бидеме дел од западноеврoпките организации и да имаме поддршка од граѓаните, тука ќе треба да покажеме добри резултати, посочи Пендаровски.