Пендаровски освои 113.000 гласа повеќе од првиот круг, Силјановска речиси 60.000 повеќе

by fokus

Избраниот претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, ја порази противкандидатката, Гордана Силјановска, со 58.499 гласа разлика на вториот круг од претседателските избори. Разликата во гласовите во првиот круг од изборите, пак, беше 4.240.

Ова значи дека не биле одлучувачки само гласовите на третиот кандидат, Блерим Река, кој не се квалификуваше за вториот круг, а кој во првиот круг освои 79.888 гласови. Очигледно е дека овој пат имаше поголема мобилизација на гласачите, имајќи предвид дека и процентот на излезност беше поголем.

Пендаровски овој пат се надмина себеси и освои 113.631 гласови повеќе споредбено со првиот круг. Ова е најголема бројка на гласови што ја освоил кандидатот на социјалдемократите, со оглед на тоа што во вториот круг од претседателските избори во 2014 година за него гласаа 398.076 гласачи.

Но и Силјановска доби повеќе гласови на свое конто. Во споредба со првиот круг таа има 59.372 гласови повеќе, но е далеку под бројката гласови кои му беа припишани на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во 2014 година, Ѓорге Иванов, кој во вториот круг пред пет години имаше 534.910 гласови. Сепак изборите од 2014 се предмет на кривично гонење за изборни нерегуларности од раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости