Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вчера во Радовиш ги спореди носителите на листи во Изборна единица 4 на двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Венко Филипче и Александар Николоски.
Тој посочи дека Филипче може да работи каде сака во светот, за разлика од Николоски на кој партијата му дава плата.
„Нашиот, вашиот против кандидат во оваа изборна единица целиот свој живот бил на државни јасли или на партиски јасли. Нема еден ден работен стаж надвор од тоа. Партијата му давала работа, партијата му давала плата. Ако не е партијата не може да заработи за леб“, посочи Пендаровски и додаде:
„Сосема различен од нашиот Венко Филипче кој сега да посака може да биде хирург каде сака во светот и за еден месец да заработи повеќе од годишна плата и на пратеник и на министер и на претседател.“
Пендаровски рече и дека д-р Филипче изминатиов период покажал дека и кога не е на функција може да се најде секому и во секое време.
„Беше достапен 24/7 и јас и мојата сопруга и моите соработници секојпат сме го барале. Во 3 на полноќ знаел да се јави и да дојде. За него немаше работно време и не само во време на Корона во било кое време и пред 2019. Денес да го побарате повторно ќе го најдете“, рече тој.