Пронајдени 50 тела во масовна гробница во градот Кан Јунис

by Fokus

Службите за итни случаи во Газа извлекоа тела на 50 Палестинци од масовна гробница во медицинскиот комплекс Насер во градот Кан Јунис, две недели откако израелските сили се повлекоа од областа, пренесува Ал Џезира.

Како што е наведено, во последниот бран израелски напади врз градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа, загинаа 16 Палестинци, меѓу кои една бремена жена и шест деца.

Израелските сили убиле 14 лица за време на рацијата на бегалскиот камп Нур Шамс на окупираниот Западен Брег, соопшти палестинското Министерство за здравство, додека израелските доселеници убиле возач на брза помош во обид да стигнат до Палестинците повредени во насилството јужно од градот Наблус, според Ал Џезира.

Според Министерството за здравство во Појасот Газа, управуван од Хамас, најмалку 34.049 Палестинци се убиени, а 76.901 се ранети во израелските напади врз Газа од 7 октомври минатата година.

Шефот на политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханије, ги повика земјите од Блискиот Исток и Европа да запрат потенцијална израелска копнена офанзива врз градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа и предупреди дека нападот може да доведе до масакр на палестинско население.

Тој нагласи дека, доколку дојде до израелски напад врз Рафах, Палестинците нема да „го веат белото знаме“ и дека „движењата на отпорот“ во енклавата се подготвени да се одбранат.

Поврзани новости