Во мојот мандат нема теоретска шанса да амнестирам криминалци кои сакаат да убиваат други луѓе, граѓани на оваа земја, порача претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски, на вечерашната трибина во општина Ѓорче Петров, осврнувајќи се на денешните информации дека во претседателскиот Кабинет се пристигнати барања за помилувања за настаните од 27 април во Собранието.
Тој човек, наведе Пендаровски, осум години беше нем како риба за сите зулуми што ги правеше таа власт, а последните две години направи се ама буквално се да го закочи прогресот.
– Се тоа ќе биде поправено во првата недела од мојот мандат и ќе му биде вратено на народот она што му припаѓа, рече Пендаровски.
Многу сме блиску, посочи, до мнозинство кое ќе овозможи понатамошен живот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) кое ќе продолжи да ги гони криминалците од тоа време бидејќи само мал дел од криминалите се истражени, и кое, се разбира, ќе направи се како официјален државен орган во рамки на регуларното обвинителство тие пари да ги врати назад. Тие се наши заеднички пари и не треба тие да ги држат кај себе, потенцира тој.
По поканата за членство во НАТО лани, посочи Пендаровски, државата бележи најдобри економски показатели во последните 15 години.
– Ако трендовите продолжат со ова темпо а може само да бидат подобри верувајте дека оваа и следната година ќе бидат најдобри економски години од независноста досега. Минатата година во државата влегоа 625 милиони евра странски директни инвестиции што не се случило ама во ниту една година од 1991 до денес или преведено на друг јазик во 2018. имаме двојно странски инвестиции од која било економска година на тн. „дрим тим“ на Никола Груевски, рече Пендаровски.
Тоа, забалежа, се резултати за почит и сега е време навистина да се даде ветер во грб и поддршка на 21 април и 5 мај како дополнителен легитимитет за успешно чекореење по исправниот и продуктивен пат на државата. Во тој контекст повика и на висока излезност на изборите.