Пендаровски: Нема ништо пострашно од размена на територии меѓу Косово и Србија

by fokus

Не очекувам последните тензии во Косово да имаат влијание на безбедносната состојба во земјава, изјави денеска претседателот на државата, Стево Пендаровски.

Коментирајќи ги наводите за корекција на границите меѓу Косово и Србија оцени дека станува збор за анахрона идеја која не припаѓа на 21 век. Пендаровски рече дека не може да замисли нешто пострашно да се случи ако некој навистина мисли да влезе во еден таков проект.

-Час поскоро треба да се престане со лицитирање на таа тема. Тоа може да биде работа на експерти, на новинари, но не на одговорни политичари, бидејќи е неодговорно да се разговара за една во суштина грозна идеја за размена на луѓе и територии во 21 век. Последен пат таква работа се случуваше, со поддршка на големите сили 1923 година. Турција и Грција и ден денес влечат последици од таа размена на луѓе и територии – рече Пендаровски.

Како што рече тој, во денешниот модерен свет мораме со дијалог и со компромис да ги решаваме сите проблеми.

-Најлесната работа која може да ја направите е да ја исчистите територијата од поинаквите, различните од вас или мене и да владеете така со тие територии – нагласи претседателот на државата.

Тој информира дека надлежните институции деновиве и во изминатите недели будно ја следеле состојбата на северната граница и според сите информации тензиите таму одат во надолна линија.

-И да има тензии во иднина во Косово со сличен карактер, профил или слични пропорции, тие нема да бидат такви, за да ја загрозат околината на Косово, особено нашата држава. Во овој момент состојбата се смирува и тоа се проценките за еден кус временски период, бидејќи таму долгорочни прогнози не можат да се направат. Неблагодарно е, со сигурност да знаете што ќе се случува – изјави Пендаровски, кој денеска беше во прва посета на МО и на Генералштабот на Армијата.

Поврзани новости