Не дека Македонија ќе се распадне ако останеме надвор од ЕУ, ниту ќе има сериозна дестабилизација поради тој факт, но не е добро да постојат политички фактори што манипулираат со националните чувства на граѓаните, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју во најновиот број на неделникот „Фокус“. Според него, меѓуетнички судири и тензии се јавуваат кога политичките актери ќе ја засилат националистичката реторика.
-Јас се сеќавам на раните 1990-ти години, кога ниту тогашното ВМРО-ДПМНЕ не одеше со таква запалива реторика кон другите. Ние имаме реторика кон Албанците, која е невидена, потоа имаме антизападна, антиамериканска, антигрчка, антибугарска реторика на невидено ниво и се плашам дека некои нови генерации поведени од реториката на политичарите можеби ќе сакаат да испровоцираат инциденти – вели Пендаровски.
Сепак, тој истакнува меѓуетничките односи не толку лоши за да се случи реприза на 2001 година. Како што потенцира тој, најголем потенцијален дестабилизатор на државата се интрамакедонските односи, бидејќи, според него, на дневна основа се употребуваат огромни количества изразни средства како изроди, гробови, предавници…
-Една од првите мои идеи беше да помогнам во тоа таканаречено национално помирување, посебно меѓу Македонците, но тоа е невозможна мисија. Не знам колку време треба да помине за овие длабоки рани да се залечат меѓу Македонците, за ние да сфатиме дека македонските партии не треба да се гледаат преку нишан на пушка. Ние се гледаме како крвни непријатели – вели Пендаровски во интервјуто за „Фокус“.
Тој открива дека имал обиди да организира средба меѓу навивачки групи и трибина меѓу поранешните припаднии на УЧК и на единицата „Лавови“, но неговите иницијативи биле неуспешни, бидејќи, додава Пендаровски, се замешале одредени политички структури.
Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Разговараше
Влатко СТОЈАНОВСКИ