Сега не е страшно со ковид, ние данокот го плативме порано и прескапо, вели Пановски

by Fokus

Во последните десетина дена, бројот на заразени од ковид 19 продолжува да расте, со што стигна приближно 1.000 нови случаи, а се очекува со исто темпо да продолжи и во наредниот период.

„Фокус“ го контактираше микробиологот Никола Пановски, за да ни објасни какви се неговите проценки за во наредниот период.

„Нема да биде и не е како претходните бранови, барем не кај нас во Македонија, каде огромниот број на лица се прележани или/и вакцинирани. Бројот на хоспитализации и смртни случаи е десет пати помал отколку оној со делта сојот.

 

Значи да, со повеќе заразени ќе има и повеќе хоспитализации и смртни случаи. Ако порано на 1.000 нови случаи имало 100 хоспитализации и 30 смртни случаи, сега има и ќе има по 10 хоспитализации и 2 до 3 смртни случаи, пред се кај лица над 75 години“, тврди Пановски.

Тој додава дека во Австралија со 97% полнолетни вакцинирани, но со мал број прележани состојбата е посериозна.

„Ние данокот го плативме порано и тоа многу скапо. Инаку, бројот на инфицирани дневно кај нас е 30 до 50 пати поголем од бројот на потврдените случаи, односно меѓу 30.000 и 50.000, па и бројот на активни случаи не е 5.000 туку околу 200.000. До септември 80% од населението ќе се сретне со вирусот со или без симптоми“, потенцира микробиологот.

Досега во земјата се направени вкупно 2.116.007 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 327.009, бројот на оздравени пациенти е 312.443, на починати е 9.370, а бројот на активни случаи изнесува 5.196.

Ирена Мулачка

 

Поврзани новости