Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на 26-та Конференција на началници на генералштабови на земјите членки и набљудувачи на САД-Јадранската повелба, што се одржува во Скопје.
„Ако се навратиме низ историјата, Јадранската повелба, започна како формат на соработка меѓу тогашните членки на Партнерство за мир, Албанија, Македонија и Хрватска, во мај 2003 година, со цел да ги координираат своите активности во процесот на интеграција во НАТО, а, под покровителство на нашиот стратешки партнер Соединетите Американски Држави. Подоцна, во текот на 2008 година на иницијативата се приклучија и Босна и Херцеговина и Црна Гора, со што во Јануари 2009 година иницијативата доби нов формат, а проширената А5, со континуирана поддршка од САД, додаде многу повеќе во концептот на регионална безбедност и соработка на Западниот Балкан“ рече Пендаровски.
Според него, „тоа потврдува дека вратата за проширување на Алијансата останува отворена не само за земјите во регионот, туку и пошироко, за сите оние држави кои се посветени на реформските процеси, ги делат вредностите на алијансата и се подготвени да дадат придонес кон колективната одбрана и безбедност“.
„За време на сите изминати години, Северна Македонија како земја иницијатор, без двоумење, се вложи во промовирање на целите на Повелбата и ќе продолжи да го прави тоа, со цел, на најдобар начин да бидат разбрани и прифатени предностите на партнерството и интеграцијата во НАТО Алијансата. Во тој контекст, сакам посебно да го истакнам значењето на севкупната поддршка од страна на Соединетите Американски Држави кои и денеска продолжуваат да ја даваат за евро-атланските аспирации на државите од Западен Балкан, а во функција на обезбедување на мир и просперитет на целиот регион“ рече претседателот.
Порача „уште од самиот почеток, најостро ја осудивме нелегалната инвазија на Русија. Северна Македонија целосно ги поддржува напорите на НАТО и придонесува со свои капацитети за зајакнување на безбедноста на источното крило на Алијансата. Во моментов сме меѓу првите пет држави-членки на Алијансата според соодносот меѓу бруто домашниот производ и воената и материјално-техничката помош која и ја даваме на Украина во овој критичен период. Точно е дека војната во Украина може да потрае, но ние сме подготвени да продолжиме да помагаме затоа што сметаме дека одбраната на Украина е одбрана на европскиот и меѓународниот поредок заснован на принципи“
„Пролонгирањето на евроинтеграциите, од различни причини, практично на сите западно балкански држави, го разнишува кредибилитетот на Европската Унија. Бавното темпо на процесот на интеграција во Унијата е една од заканите за демократијата на Балканот. Повеќе истражувања на јавното мислење покажуваат дека опаѓа подршката за западно ориентираните организации и земји и за прв пат после три децении, расте поддршката за некои други регионални организации и поинакви модели на управување. Како што беше неспорно дека одредени странски ентитети настојуваа да го спречат нашето зачленување во НАТО, така денес настојуваат да ги спречат процесите на интеграција на земјата во Европската Унија. За таа цел, се развиваат хибридни стратегии и закани, се изведуваат сајбер напади и се продуцираат лажни вести и дезинформации кои ја поткопуваат довербата на граѓаните во институциите и во кредибилноста на регионалните организации во кои сме или сакаме да бидеме“ подвлече Пендаровски.