Пендаровски: Да не се занимаваме со изјави од Бугарија од луѓе без политички легитимитет

by fokus

Се додека во Бугарија не се формираат влада, односно, претходно не конституираат Парламент не би требало да се занимаваме со изјави кои доаѓаат од луѓе кои во моментот се уште немаат целосен политички легитимитет, вели претседателот Стево Пендаровски.

– Станува збор за изјави, од која било страна да доаѓаат, дали од техничкиот министер за надворешни работи или од кандидатите на претседателските избори или оние кои би требало да ја формираат идната влада, а не знаеме дали ќе успеат да ја формираат. Тоа се изјави на луѓе кои или немаат целосен политички легитимитет или станува збор за кандидати кои допрва треба да станат членови на владата или да формираат органи на власт во Софија, вели Пендаровски на новинарско прашање за различните позиции на актуелниот претседател на Бугарија Румен Радев кој е и кандидат за втор мандат и на идниот можен мандатар на новата влада Кирил Петков. 

Пендаровски вели дека независно дали ќе направат Влада или не во Софија, тој е претпазлив реалист,

-Толку многу пати се изгоревме чекајќи од Софија да се дигне неразумната блокада што јас би почекал навистина да видам со кого конкретно утре, задутре и по 21-ви ќе разговараме не само на претседателско ниво, туку и на нивно на Министерство за надворешни работи кои де факто и досега ги водеа разговорите, кажа Пендаровски на заедничката прес-конференција со полскиот колега Анджеј Дуда.

Во однос на изјавата на Радев дека во земјава се врши систематска дебугаризација и ако тој победи на изборите и продолжи со вакви изјави дали треба да реагира државата, Пендаровски рече дека и во изминатиот период кога Бугарија беше во серија на изборни процеси, нашата земја преку МНР реагирала регуларно, редовно на сите средби со претставници на бугарското МНР на вакви и слични изјави. Според него, овие изјави очигледно не се втемелени во реалноста, а гол факт за тоа, според него, е пописот кој штотуку заврши.  

Поврзани новости