По 11 декември, Владата предводена од СДСМ ќе понуди цел сет на мерки преку програмата за искоренување на сиромаштијата кои од корен ќе ги променат состојбите и ќе отворат патека за развој на тие семејства и луѓе кои сега немаат ниту за леб и буквално преживуваат од ден за ден, изјави денеска Стево Пендаровски.
-Во програмата, основна мерка ќе биде месечниот приход за 4-члено семејство кое ќе биде во категоријата на екстремно сиромашни од 12.000 денари и тие 12.000 денари ќе ги добиваат секој месец, независно дали се од владејачката партија или на сосема друга партија. Тие луѓе мораат задолжително да примаат месечен надоместок од 12.000 денари. Владата предводена од СДСМ ќе воведе семеен социјален работник кој 24/7 ќе биде достапен на семејствата и поединците кои имаат потреба од тоа, рече Пендаровски.
Тој додаде дека друга мерка на СДСМ ќе биде дисперзирање на надлежностите, односно спуштање од централно на општинско ниво и наместо да се чека од Скопје, од централната власт или Влада да води сметка за секое сиромашно или семејство со посебни потреби, тоа да го прават општините.