Цеца, Северина, Аца Лукас, Петар Грашо, Јелена Розга, Данијела Мартиновиќ, Лепа Брена, Здравко Чолиќ… долга е листата на популарни пејачи од регионот кои доаѓаат на наши општински манифестации како главни ѕвезди на вечерта, а оваа пракса трае со години наназад.
Нивните хонорари се исплаќаат од општинските буџети, но и од спонзори, општествено одговорни компании, кои решиле финансиски да поддржат одредена манифестација.
Околу тоа дали на општинските прослави треба акцентот да се стави на познати музичари од странство, кои носат голем број на публика, или пак ваквите настани треба да се одбележат само со домашни ѕвезди, чести се јавните дискусии.
Најчест изговор на градоначалниците кои решиле на настаните да поканат звучни балкански имиња е дека токму тие носат и најмногу публика, што е од голема важност за целата општина и од економска страна.
Но, се почести се јавните реакции и на домашните музичари, тврдат дека се запоставени и понижувачки им е да настапуваат само како предгрупи на нивните колеги од регинот, кај кои завршуваат највисоките хонорари.
Околу тоа кое е евентуалното решение за состојбата, фолк пејачката Ирена Спасовска за ,,Фокус” вели дека лично ќе се заложи да се започне со еден вид на размена на музичари, односно да се започне со соработка со општини од соседството, кои би канеле наши пејачи на нивните манифестации и фестивали, бидејќи само на тој начин би се постигнал некаков баланс.
Тврди дека не може народни пари од буџет да се изнесуваат од земјава, на тој начин што завршуваат како хонорари на странските пејачи, и мора да се мисли и на домашната естрада.
-Ги почитувам сите пејачи од соседството што направиле кариера и бренд, но кога ни доаѓаат со приватни менаџери таа идеја ми е пологична. Кога се работи за општински настани мислам дека општините треба да размислат, бидејки огромни пари се излеваат од нашата држава, а сопствените пејачи се потценети. Ако некој пејач од страна е омилен кај нас, може да си направи концерт во сала, кој ја слуша неговата музика ќе си плати влезница. Општинските манифестации треба да бидат резервирани само за домашни изведувачи, и мора да започнеме да си го цениме своето – тврди Спасовска.
Вели дека не сака да коментира околу тоа дали некоја музика е добра или не, и ги почитува сите музички вкусови. Го ценела квалитетот кој го имале нејзини колеги од странство, но во изминатите години според неа општинските манифестации станале како настани на кои е најважно која музичка ѕвезда од страна ќе гостува, а не и првичната цел на одредената манифестација со која се одбележува некој општински настан.
-Можеби треба да се најде некој модул за соработка каде што би постоела размена на естрадни уметници во соседството, и ние да гостуваме кај нив. Постојано зборуваат како ги сакаат македонските песни, а никогаш не повикале народен македонски пејач кај нив.
Тогаш и во нашата држава би се слевале пари и сите би биле задоволни. Апелирам оваа идеја да се разгледа, а ако треба и лично ќе се заложам, доколку има можности преку Министерството за култура да се поработи на започнување на соработка со општини од соседството, за да започне таа размена од која сите ќе имаме придобивки – изјави Спасовска.
Вики Клинчарова