Околу педесетина професори и наставници од советот на Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК) од целата земја денеска почнаа штрајк со глад во поддршка на тројцата универзитетски професори, кои кои што тврдат, незаконски се избркани од работа од Економскиот факултет при УГД. Додека штрајкот е во полн ек и денеска продолжија препукувањата меѓу ректорот Саша Митрев, кој се огласи со соопштение и тројцата доктори на науки Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски.
Ректорот, како што вели, за да го зачува достоинството на факултетот, повторно вината ја префрли на професорите – штрајкувачи. Тој уште еднаш им порача, да не прават манипулации во јавноста, да не изигруваат маченици и да вршат репресија врз управата на универзитетот.
– Ги повикувам доцентите-штрајкувачи да одредат 3 редовни професори од групата од наставници која сака да се вклучи во штрајкот или било кои други наставници кои штрајкувачите ќе ги одредат, заедно со 1 правник и 1 редовен професор од УГД и еден претставник од МОН, да направи точна и недвосмислена евалуација на сегашните рецензии на трите наставници и нека излезат со извештај до јавноста дали сегашните рецензии на овие наставници ги задоволуваат нормите за избор на вонредни професори кои се предвидени во Законот за високо образование – се наведува во соопштението од ректорот.
Тој додава, ако сегашните доценти ги исполнуваат условите за избор за вонредни професори, тој како ректор јавно ќе се извини за направените грешки и ќе го разреши деканот на Економскиот факултет, Ристо Фотов.
Тројцата избркани професори, кои веќе 12 дена штрајкуваат со глад му возвратија на ректорот. Тие уште еднаш го потсетија на решението на Државниот просветен инспекторат во кое се констатира работење спротивно на Законот за високо образование од страна на деканот.
– Како Ректор, веројатно требаше да поведете сметка за таквото работење на Економски факултет. Ништо не презедовте. За последниот случај којшто не’ принуди нас како професори, како и сета професорска фела и СОНК на ваков чекор, ние превентивно разговаравме со вас да преземете мерки за да не се наруши кредибилитетот на Универзитетот. Вие Ректоре, и покрај Вашето ветување дадено до нас, повторно не презедовте ништо, туку сето тоа беше само купување на време и нехуман чин на Ваше манипулирање со нас. Почитуван Ректоре, на крај ве молиме да престанете да манипулирате со нас и со јавноста, и наместо енергијата да ја трошите на, по сите основи, неприфатливи предлози, најдете начин веднаш да го решите проблемот што го создадовте, а тоа значи да се прифатат рефератите на рецензентските комисии – се наведува во соопштението од професорите.