Жерновски: ДУП-овите се незаконски, ќе се гласа повторно

by fokus

Ова го потврди и министерот за локална самоуправа Лирим Шабани, кој истакна дека бил прекршен Членот 62.

-Урбанистичките планови мора да бидат усвоени со мнозинство гласови од вкупниот број на Советници во општината, а не од присутните на седницата. Законот за локална самоуправа секако дека важи за сите општини и за нивните совети, а усвојувањето на новите урбанистички планови во општина Центар е направено спротивно на законот, објасни Лирим Шабани, министер за локална самоуправа.

Градоначалникот Андреј Жерновски, денеска  ја поздрави изјавата на министерот за локална Шабани.

-Ова значи дека има надеж и дека во Владата некој сака да ги почитува законите. Денеска ги добив потпишаните одлуки од претседателот на Советот. Сметам дека тие ДУП-ови се донесени спротивно на Законот за локална самоуправа и Законот за просторно и урбанистичко планирање и ќе го искористам своето законско право како градоначалник да го запрам објавувањето на ДУП-овите. Ќе ставам вето на ДУП-овите и во рок од законските 7 дена ќе ги објавам и причините за таквата одлука“, изјави Жерновски.

Во Законот за локална самоуправа стои дека по ова, треба да биде закажана нова седница на Советот на општина Центар во рок од 15 дена. Затоа повторно се поставува дилемата како сега ќе гласа советникот Мирослав Шиповиќ, за кого од матичната партија тврдат дека имал притисоци од власта.

-Претседателот на Советот треба само да биде против и ДУП-овите нема да бидат донесени, може да гласа и воздржано и повторно ДУП-овите нема да бидат донесени. Ние, заедно со нашите 11 советници ќе гласаме “против“. Единствено, ако претседателот на Советот гласа “за“ овие планови, што значи дека за 180 степени го сменил ставот од пред 10 – 15 дена, само во тој случај ДУП-овите ќе бидат донесени“, појасни Жерновски.

Иако советниците се официјално на одмор, сепак Советот ќе мора да заседава.

-Нема одмор за вакви криминогени ДУП-ови. Повторувам, само доколку претседателот на Советот си го почитува ставот што го имаше на последната седница, нема да има десеткатница на Водно“, рече Жерновски.

Во четврток најави дека ќе ја донесе одлуката и ќе ја соопшти на јавноста и од тогаш тече рокот од 15 дена за закажување на седница на Советот на општина Центар.

Одговарајќи на новинарско прашање, Жерновски рече дека комуникацијата со Шиповиќ сега му е многу послаба, од пред ставањето на спорните ДУП-ови на дневен ред.

 

 

Поврзани новости