Фолк ѕвездата Наум Петрески од емитување на неговите песни ( кои што се околу 300 на број) во етерот на македонските медиуми, за цела 2015 година успеал да заработи само 612 денари! Известувањето за пресметката за хонорарот го добил од стручната служба на ММИ (Македонска музичка индустрија) и вели дека е во шок, но и комплетно разочаран од третманот кој што го добиваат изведувачите во земјава.
,,Ова е типичен пример за кражба на изведувачите во земјава! Имам снимено над 300 песни, и сумата од 10 евра, да не беше вистината, ќе беше многу смешна. Предлагам комплетна смена на раководството на ММИ и вистински луѓе на тие места, а не ,,лопужани,,! На документот кој што го добив стои името и презимето на Бодан Арсовски како извршен директор на ММИ. За цела година сум добил само 10 евра од емитувањето на моите песни, но не сум тука само јас, тука се и сите мои колеги кои што постојано даваат пари за снимање на нови материјали, за песни со кои што настапуваат на македонските фолк фестивали. Не сакам да го повлечам моето членство во ММИ, туку предлагам да го смениме раководството и сегашните раководители да ни дадат отчет каде им се уплатените пари за нас! Имам сознанија дека плаќале некоја адвокатка со огромни суми на пари, исто така за изнајмен стан каде што им е канцеларијата плаќале кирија како да е во Лас Вегас! Сето тоа барам да се провери! Знам дека дозволата на ММИ е одземена, па се надевам на подобрување на нештата во иднина,, – револтирано раскажа Петрески.
И неговиот колега, фолк музичарот Мишко Талески реагира по повод смешните хонорари кои што ги добиваат изведувачите од страна на ММИ.
,,Јас имам пријавено околу 30 песни, и добив годишен хонорар од 165 денари врз основа на пресметка на хонорар за изведувачки и продуцентски права остварени во 2015 година! Затоа, писмено ги известив дека во знак на револт поради понижувањето кое што ни се приредува со пресметани суми под секое интелектуално достоинство, го прекинувам своето членство во ММИ и ги повлекувам сите пријавени дела со кои што учествувам. Ова е нарушување на дигнитетот на секој еден, посебно на луѓе кои што над 20 години се занимаваат со музика!,, – вели Талески. Тој додава дека сака во земјава повеќе да се почитува трудот на уметниците, барем она што го заслужувале согласно со сите меѓународни стандарди.
,,Министерството за култура и ја одзеде лиценцата на Македонската музичка индустрија, а решението за одземање стапи во сила од први јануари 2016 година, затоа што ММИ потрошила 81,5 проценти од прибраните парични средства, додека законски дозволениот лимит им бил 15 проценти. Не ни е познато колква е потрошената сума, и на што точно се потрошени тие пари, но сепак под секое ниво се хонорарите кои што ги добија поголемиот дел од уметниците за своите изведувачки и продуцентски права во 2015 година,, – изјави Талески.
На почетокот на годинава Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за надоместоците за користење на фонограми и изведби и Тарифата за надоместоци за користењето фонограми и изведби, во целина, донесени од Собранието на Организацијата за колективно управување на правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи „Македонска музичка индустрија“.
Во телефонски разговор, извршниот директор на ММИ и музичар Бодан Арсовски, вели дека нема потреба од реакции од страна на засегнатите музичари, бидејќи колку им се пуштале песните по медиумите, толкав хонорар си добиле.
,,Ќе му порачам на Наум Петрески и на останатите да не реагираат бурно, бидејќи ниту јас не сум многу подобар кога е годишниот хонорар во прашање. Да речеме дека сум добил плус некој денар, колку за бурек. Шегата на страна, но јас еве откривам дека добив 1.800 денари хонорар, но има и такви пејачи кои што добија доста солидни суми. Причината за тоа е слушаноста на нивната музика, на пример на Радио Антена повеќе се слуша забавна, отколку народна музика. Ние според прегледот кој што сме го добиле од станиците, како на пример од радио Бубамара, Канал 77, Антена 5 и други, ја одредуваме висината на хонорарот. Доколку некој мисли дека не работиме регуларно, слободно нека си го произнесе своето мислење, па потоа и ние ќе реагираме со свој став. Знам дека состојбата не е идеална, а има и такви медиуми кои што не доставиле свој преглед на слушаност, што дополнително ја влошува ситуацијата,, – изјави Арсовски. Околу шпекулациите дека ММИ троши пари за скапи кирии и адвокатски услуги, тој вели дека ако некој има докази, слободно нека реагира, но на секоја изнесена невистина тој ќе даде демант.
,,Министерството за култура ни ја одзеде лиценцата, а јас сеуште сум директор на ММИ, најверојатно ќе бидам на таа фукција до мај, не знам што ќе биде потоа. Ги сфаќам уметнците, но сепак, висината на нивните хонорари не зависи лично од мене,, – вели Бодан.
Законскиот застапник на ММИ, адвокатот Дори Кимова се согласува со изјавата на директорот Бодан и вели дека проблемот не е во нерационално трошење на средствата, туку всушност лежи кај медиумите кои што не сакаат да ја плаќаат својата такса, па затоа и реагирале до Министерството за култура.
,,Сите изведувачи добиле толкав хонорар, колку што им се пуштала нивната музика по радио и ТВ станиците. Тоа не е спорно и може да се провери во ММИ. Како што знаат и изведувачите, Министерството за култура ни ја одзеде лиценцата и за 2016 година медиумите нема да плаќаат такса. Не се точни обвинувањата дека лиценцата е одземена поради тоа што сме потрошиле повеќе од 15 проценти од прибраните парични средства. Можеби во некој момент тоа биле повеќе од 15 проценти, но тогаш не била завршена целата наплата, за која што морам да ви кажам дека оди навистина тешко и најчесто по судски пат. А кога е во прашање наплата по судски пат, сите знаеме дека тоа се процедури кои што не одат така бргу. Значи, проблемот лежи токму во медиумите и нивната намера да се избегне плаќањето на давачката, која што кај нас е навистина ниска, дури помала и од 1 процент од приходот на одредениот медиум, додека во другите земји таа се движи околу 4 проценти од приходот на медиумите. ММИ е релативно ново здружение, нам сега воопшто не ни се потребни опструкциите кои што ни ги донесе Министерството за култура со одземањето на лиценцата. Значи, ако изведувачите веќе се жалат, жалбите треба да ги упатат на друга адреса. Министерството може да дава и да зема лиценци, но ние живееме во едно општество каде што нема дисциплина на плаќање и од таму произлегуваат недоразбирањата,, – вели Кимова.
Таа додава дека околу шпекулациите кои што кружат помеѓу естрадните кругови, а во кои што ја обвинуваат дека зема преголеми хонорари од ММИ, нема воопшто вистина, бидејќи нејзината тарифа во овој случај била доста ниска и работела со цел да му помогне на здружението, а не да му наштети.
Вики Клинчарова