Павловска-Данева: Предлог за шеснаесетто министерство во државава! Тажно

by fokus

Професорката и поранешна пратеничка на СДСМ, Ана Павловска Данева, го критикува предлогот на пратеници од власта за формирање на ново министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, кое ќе го замени Секретаријатот за Рамковен договор.

„На македонската државна управа и е потребно намалување на бројот на министерства и министри, а не создавање нови. Министерство за политички систем- предлог за шеснаесетто министерство во државава! Тажно“, напиша Данева.

Инаку, пратениците на 14 март ќе расправаат за иницијативата за формирање на ново министерство. Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците треба да биде замена за Генералниот секретаријат за спроведување на Рамковниот договор.

На иницијативата за формирање ново министерство потпишани се пратениците Јован Митрески од СДСМ, Артан Груби, Џеват Адеми, Реџаиљ Исмаили и Ејуп Алими од ДУИ, Панчо Минов, независен од ГРОМ и Зеќир Рамчиловиќ од независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ.

Се бараат промени во два закона – Законот за Владата и Законот за организација и работа на органите на државната управа. Во образложението на предлогот пишува дека ќе бидат потребни дополнителни финансиски средства, но не се наведува колку.

„Заради функционирање на државата во делот на работите поврзани со политичкиот систем, спроведување на Охридскиот рамковниот договор и принципите што произлегуваат од овој договор, како и унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците во Република Северна Македонија, се појави потреба да се основа ново министерство за политички систем и односи меѓу заедниците“, пишува во образложението.

Поврзани новости