Павлопулос: Договорот од Преспа ќе дојде во грчкиот Парламент дури откако ќе се утврди дека уставната ревизија ги содржи сите гаранции

by fokus

Само кога ќе се утврди дека уставната ревизија ги содржи сите гаранции, тогаш ќе може да се финализира и содржината и правилното толкување на Договорот од Преспа, а потоа и да дојде на ратификација во парламентот, порача грчкиот претседател Прокопис Павлопулос.

Грчкиот претседател, денес беше прогласен за почесен граѓанин на општина Вари-Вула- Вуљагмени и говореше за т.н. грчки национални прашања, а меѓу нив и спорот со името, јави дописничката на МИА од Атина.

Рече дека Грција “се стреми кон пријателски и добрососедски односи и во пракса покажува дека поддржува членство во НАТО и Европската унија”, но објасни дека  за тоа предуслов е решавање на прашањето со името “согласно историјата и меѓународното право, а само откако ќе заврши уставната ревизија што ќе ги содржи сите гаранции”, тогаш Договорот ќе дојде за ратификација во грчкиот парламент.

-Нашата соседна земја треба да ги направи неопходните промени во нејзиниот правен поредок, а пред сѐ во нејзиниот Устав. И навистина, ја презедоа оваа обврска. Според тоа, очекуваме да ја исполни. Само кога конечно ќе заврши целиот овој процес и штом се утврди дека уставната ревизија ги содржи сите гаранции, тогаш ќе може да постои покана за членство во НАТО, како и било каков почеток на разговори, во однос на пристапниот процес на ПЈРМ кон Европската унија. Исто така, само тогаш ќе може да се финализира и содржината и според меѓународното право, правилното толкување на Договорот меѓу Грција и ПЈРМ за да дојде за ратификација во грчкиот парламент, рече Павлопулос.

Поврзани новости