Како фирмата која ќе гради нова болница во комшии на Жан Митрев, премина од рацете на Камчев кај Самсоненко

by Fokus

Уште едно атрактивно земјиште, кое порано беше во сопственост на Камчеви, а во меѓувреме, поточно во 2018 година заврши во рацете на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, се наоѓа во близина на болницата на кардиохирургот Жан Митрев, во кругот на Градската болница „8 Септември“.

Која е компанијата што го поседува плацот каде што се предвидува изградба на нова приватна болница, во непосредно соседство на клиниката на Жан Митрев и поранешната Воена болница?

Како што веќе напишавме, ова друштво е формирано уште во 2010 година за неспецијализирана трговија на големо, па до 2018 година го носи називот „Систина Фармација“.

Обемниот историјат на промени, кој брои цели 54 страници, покажува дека за целиот овој период биле направени многубројни промени на сопственици и управители.

Така, во сопственичката структура на друштвото се менуваат „Орка Холдинг“, „Систина Нефроплус“, „Си-Фи Кар“, „Монт“…

Она што треба да се издвои е дека кон средината на 2018 година доаѓа до промена и на називот на фирмата, но и промена на сопственичката структура. Па, така компанијата добива ново име – „Сис Хоспитал“, каде што и како сопственик и како управител се јавува рускиот бизнисмен Самсоненко.

Тој во јавноста е познат и како близок пријател и бизнис-партнер на бизнисменот Орце Камчев, за што самиот потврдува во интервју дадено за „Фокус“ во ноември, 2019 година.

Точно е дека Камчев ми е најдобар пријател, гледам многу луѓе го напаѓаат. Не сакам да го бранам, но за него има погрешна слика од тоа што го знам за него во реалноста.

Јас сум сигурен дека сликата за него во јавноста е погрешна. Нападите кон него се некоректни, сите имаат право на свој став, но тие да се базираат на објективност – тврдеше тогаш рускиот бизнисмен.

Подоцна се регистрирани уште неколку промени, но тие се однесуваат само на седиштето на фирмата, која се сели од фамозната адреса Скупи бр. 3 А на 1732 бр.2А во скопски Центар.

Патем речено, „Систина Фармација“ или денешна „Сис Хоспитал“ се формира со основачки влог од 5.000 евра, додека подоцна со текот на годините главнината се зголемува, а кога компанијата оди во рацете на рускиот бизнисмен, вкупниот паричен влог е 2,7 милиони евра.

Според финансиските извештаи, во 2016, 2017 и во 2018 година, компанијата покажува поголем обрт на средства, кој во овие 3 години се движи меѓу 62 и 76 милиони денари, но потоа од 2019 година се забележува пад, односно се остваруваат приходи од само 5 милиони денари и истата година прават загуба од 4 милиони денари.

Екипата на „Фокус“ го посети местото каде што е планирана изградбата. Притоа, на самото место може да се забележи дека плацот е ограден со тараби и дека во внатрешниот простор веќе се почнати одредени градежни активности.

Поточно, изграден е и објект, чија намена сѐ уште не може целосно да се дефинира. Сепак, тоа што боде очи е дека од двете страни просторот е опколен со приватната болница на кардиохирургот Жан Митрев, кој моментално е на обвинителна клупа за измама на пациенти.

Од „Сис Хоспитал“ ни потврдија дека на локацијата ќе се гради болница за нега, која, како што велат, треба да биде готова до 2024 година.

Ирена Мулачка

Поврзани новости