Дваесет и осумгодишната девојка која по вакцинацијата со „Астра Зенека“ во Србија имаше несакана реакција сега е во добра состојба, рече на 360 Степени директорката на Клиниката за хематологија, Ирина Пановска-Ставридис.
-Една недела по вакцинирањето, пациентката почувствувала главоболки кои биле неспецифични, во неколку наврати изгубила свест и потоа забележала оток на очниот капак на едната страна на лицето. По направените невролошки испитувања и крвни анализи беше упатена на нашата Клиника, бидејќи имаше многу ниски вредности на тромбоцити – вели Пановска-Ставридис.
Според неа, оваа состојба е можна по вакцинирањето против ковид, но тоа не е докажано.
-На пациентката ѝ беше даден адекватен третман и кај неа е целосно повлечена невролошката симптоматологија, полека почнаа да растат вредностите на тромбоцити, но се уште е задржана под медицинска опсервација на нашата клиника – истакна таа.