Лекови за крвен притисок, дијабетес, тироида и белодробни болести пациентите отсега ќе добиваат кај матичен лекар, без да одат на преглед кај специјалист

by Fokus

Матичните лекари од денеска почнаа да препишуваат терапија која досега ја даваа само лекарите специјалисти. Пациентите кои имаат потреба од терапија за контрола на крвниот притисок, масти кај дијабетичарите, лекови за контрола на астма и хоб и за контрола на хипотиреодизмот можат да ја добијат со посета на матичен лекар.

Министерот за здравство Фатмир Меџити и д-р Злате Мехмедовиќ денес беа во посета на приватната здравствена установа на д-р Марта Тунџев, која работи како матичен лекар, за да проверат како се споредува новата мерка со која им е обвозможено на пациентите да им препишуваат хронична терапија, за која досега мораше да има мислење од специјалист.

Д-р Злате Мехмедовиќ, координатор на реформите во примарната здравствена заштита  рече дека ова е процес што ќе трае три години и ништо нема да се случи преку ноќ.

„Проширувањето на листата со терпија која ќе може да ја препишуваат матичните лекари ќе се одвива согласно програмата којашто е зацртана со реформите. Треба да обезбедиме пред се квалитет преку веќе искреирани протоколи кои ќе гарантираат точно кога и како може да се препишуваат одредени лекови. Тоа е пред се за заштита на безбедноста на пациентите и за правна заштита на лекарите. Сакаме да ги обезбедиме тие два аспекти за да имаме безбедно примарно здравство кое ќе се развива во вистински правец“,  рече Мехмедовиќ.

Тој најави дека до крајот на годината, една од работите за кои се размислува на Надзорен одбор каде присуствуваат и учесници се здруженијата на лекари, Лекарската комора, Македонското лекарско друштво, експерти од клиники, професори е да се дискутира за можноста за закажување кај матичен лекар преку системот на Мој термин.

„Ќе се разговара за нови протоколи кои ќе може да бидат обезбедни за да се прошири лепезата на лекови кои ќе се додадат и воедно ќе разговараме за новите иновативни лекови. Тоа се оние лекови за кои и министерот кажа дека ќе бидат ставени на позитивната листа која 15 години не беше обновена. Сега тоа ќе се направи и и дел од тие лекови ќе се најдат и на листата за примарна здравствена заштита“, додаде Мехмедовиќ.

Ова е една од реформските мерки кои ги најави Министерството за здравство.

„Почнавме реформска мерка со која им овозможуваме на матичните лекари да им препишуваат терапија на своите пациенти и со тоа се постигнуваат неколку суштински промени и се олесни административниот товар што го имаа овие лекари. Матичните лекари добро ја знаат здравствената состојба на пациентите и развојот на болеста, бидејќи често се во контакт со нив. Сега пациентот не мора да оди во Клинички центар или во секундарна или терцијарна здравствена заштита, каде што на овој начин ќе се намали притисокот“, рече Меџити.

Според министерот анализите кои ги имаат направено им покажале дека околу 30 отсто од пациентите кои дневно доаѓаат во Клинички центар се за посета на специјалисти за продолжување на терапијата или за услуги кои со оваа реформа ќе може да ја добијат кај матичниот лекар.

„Реформата оди во повеќе етапи. Во првата етапа, откако се објавени протоколите во Службен весник, матичните лакри веќе може да препишуваат терапија. Следно што ќе биде е матичните лакри да може да направат упат за лабораториски анализи, а потоа ќе има и други мерки за чија имплементација е потребно повеќе време“, рече Меџити.

На прашањето дали издавањето упати за посложени лабораториски анализи од страна на матичните лекари ќе биде до крајот на годината, Мехмедовиќ рече дека тоа ќе биде и многу порано односно дека за околу еден месец би била завршена процедурата.

Поврзани новости