Пациентите болни од леукемија во неизвесност, од клиниката тврдат дека има доволно количини од лекот за нивната терапија

by Fokus
Ни дадоа терапија само за пет дена и ни рекоа дека со донација ќе се обезбедат дополнителните дози од лековите потребни за хронична миелоична леукемија, велат за „Фокус“ пациенти на клиниката за Хематологија кои се соочуваат со оваа тешка болест.
Во одговорот за „Фокус“ пак од Клиниката ни одговорија дека има доволни количини од лекот.
-Клиниката  располага со потребни месечни количини на лекот Иматиниб за сите пациентите заболени од хронична миелоична леукемија. Допонително, Ве информирам дека на 22.11.2019 година ќе биде отворен тендерот за набавка на оваа терапија со кој ќе се обезбедат однапред потребните количини на лек за оваа група на пациенти за период од 2 години. Во моментов, ниту еден пациент не е оставен без потребна терапија, велат оттаму за „Фокус“.
Сепак не добивме одговор што значи за пациентите терапија која често се менува, односно се даваат различни лекови во зависност од залихите, што го потврдуваат и самите пациенти.

Недостигот на лекови се јавил поради пропаѓање на два тендери на кои веледрогериите понудиле премногу висока цена. Како што неофицијално дознаваме, на јавното наддавање двете фирми кои се пријавиле воопшто не наддавале, туку понудиле превисока цена, наместо 60 денари по таблета колку што било на претходните тендери, тие побарале 1.500 денари.

Во понеделникот, според информации на „Фокус“,  пациенти сведочат дека биле вратени од Клиниката за хематологија без да добијат лек. Во средата им била дадена терапија, но само за оваа недела.

Неофицијално клиниката добила дозвола од Бирото за јавни набавки тендерот да се спроведе со договарање во четири очи, за да се спречи  повторно да пропадне.

Лекот Иматиниб, беше ставен на позитивната листа на лекови пред десетина години по многу притисоци од пациентите и медиумите. Цената на лекот на почеток беше многу висока бидејќи го произведуваше само една фармацевтска компанија, се до моментот кога се појавија повеќе производители, по што цената падна.

С.Т.

Поврзани новости