Пациенти не стигнале воопшто да се тестираат за Ковид 19

by Fokus

Текстот е објавен на 14 мај во неделникот „Фокус“ во бројот 1285

Покрај секојдневните фалби на здравствените власти како успешно се справиле со опасниот непријател, кој е факт дека однесе многу жртви, голем дел од граѓаните немаа можност да стигнат да се тестираат за да знаат дали се заразени од опасниот вирус, а да не зборуваме за тие што починаа, кои ниту стигнале да се тестираат, а ниту пак стигнале до болница, а за кои постојат сомнежи дека биле заразени со Ковид 19. Според досегашната пракса, тие не ги исполнувале критериумите на алгоритамот за тестирање кај матичните лекари.  Па така можеме да зборуваме само за официјалните бројки на заразени и починати, но не и за неофицијалните.

 Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Повеќе од два месеци како тресе корона кризата во земјата, а официјалните статистики стигнаа до 1.674 заразени, 1.205 оздравени и 92 починати, што на некој начин во споредба со другите земји значи дека добро сме се справиле со опасниот Ковид 19. Или, барем така покажуваат статистиките кои излегуваат од вратата на ресорното министерство. Дури веќе почнаа и плановите за одржување на предвремените парламентарни избори на средината на јуни, па сега меѓу партиите се кршат копјата за датумот.

Иако, во последниот период здравствените власти се повеќе ја смируваат ситуацијата, сепак сликата кога ќе излезеш надвор, кога ќе влезеш во маркет или аптека е повеќе од морничава. Сите со ракавици и маски, што е нели логично ако сакаме да се заштитиме, за да не се шири понатаму заразата. Дел од граѓаните ги почитуваат мерките, дел ги игнорираат, дел мислат дека има корона вирус, ама и дел организираат протести против корона, полициски час, вакцини, 5г… Тоа е Северна Македонија во мало.

После два месеци се наближува и моментот, кога најверојатно ќе биде укината вонредната состојба во државата, па покрај Ковид 19, ќе се префрлиме на нова тема избори и нормално пак трка со времето.

Сепак, и покрај секојдневните фалби на здравствените власти како успешно се справиле со опасниот и непознат непријател, кој е факт дека однесе многу жртви, голем дел од граѓаните немаа можност да стигнат до тестирање за да знаат дали се заразени од опасниот вирус, а да не зборуваме за тие што починаа, кои ниту стигнале да се тестираат, а ниту пак стигнале до болница, а за кои постојат сомнежи дека биле заразени со Ковид 19. Според досегашната пракса, тие не ги исполнувале критериумите на алгоритамот за тестирање кај матичните лекари.  Па така можеме да зборуваме само за официјалните бројки на заразени и починати, но не и за неофицијалните.

ПАЦИЕНТИ НЕ СТИГНАЛЕ ВООПШТО И ДА СЕ ТЕСТИРААТ ЗА КОВИД19

 Пред повеќе од еден месец, министерот за здравство Венко Филипче најави дека тестирања ќе се закажуваат и преку матичните лекари, односно тие им поставуваат десетина прашања на граѓаните кои се сомневаат дека го носат вирусот со себе и потоа електронски алгоритам укажува на тоа дали е потребно тестирање или не, и доколку е потребно, кој е степенот на итност. Алгоритамот содржи десет прашања, но две се пресудни дали ќе добиеш можност воопшто да се тестираш, а тоа се дали си бил во странство или пак си имал контакт со пациент заразен со Ковид19.

Е, тука почнуваат проблемите.Голем број од граѓаните кои имале симптоми на заразниот вирус, воопшто не ни стигнале да се тестираат, односно алгоритамот ги отфрлил. Тоа значи дека тие се оставени сами на себе да се лекуваат, затоа што не ги исполнуваат критериумите. Во целата приказна кај се тие 552 досега пациенти без симптоми, кои несвесни дека го имаат вирусот во себе можат да ја шират заразата.

Јас сум убеден дека го прележав корона вирусот затоа што ги имав сите симптоми, но не ми дозволија да се тестирам затоа што не сум бил во странство и не сум имал контакт со заразен. Па нели излегуваш од одма, одиш да пазаруваш, од време на време се среќаваш со луѓе. Они сами кажуваат дека има огромен број на пациенти без симптоми кои ја шират заразата. Двапати не ми дозволија да се тестирам, па се лекував на своја рака дома и кој знае колку ги има такви како мене, а да не зборуваме не дај боже ако некои и починале, што сигурно има – тврди 48-годишен скопјанец, кој сакаше да остане анонимен.

„Фокус“ најде повеќе пациенти кои се сомневаат дека имале Ковид 19, но алгорирамот автоматски ги отфлил. Дел од нив се лекувале по дома, но дел и завршиле во Градската болница „8 септември“, каде откако им се влошила состојбата немајќи избор им бил направен тест и потврдиле дека се носители на вирусот. Оттука можеме да заклучиме, кој знае колку пациенти го прележале вирусот од нога, посебно ако немале хронични болести, па полесно поминале, а колку починале што не се свесни дека воопшто го носеле вирусот во себе.

Таков е случајот со уредникот на информативната програма на Канал5, Гоце Михајлоски, кој како што напиша во писмото поминал трнлив пат додека му потврдиле дека е заразен со Ковид 19.

Бев во посета на родителите во Прилеп, никој немаше никакви симптоми, за на крај да испостави дека татко ми има корона вирус. Седум дена по посетата почнав да чувствувам омалаксаност и тоа беше мојот последен ден на работа. Почнав да имам треска и омалаксаност. Откако мајка ми ме информираше дека имаат некоја настинка, тоа беше аларм дека треба да ја посетам ординацијата на матичниот лекар, но според електронскиот прашалник испадна дека немам индикации да бидам тестиран(не знам дали е се уште истиот прашалник, но долку е тој, треба подитно да биде корегиран). Веднаш почнав да барам решение во приватните лаборатории. Две ми одговорија дека ги прават само со закажување од матичен лекар, а третата дека имаат термин дури следната недела – раскажува Михајлоски.

Немајќи друг избор за да се тестира, тој решил да оди во приватанта болница Систина, со т.н. брзи тестови за антитела, за кои веќе подолг период се тврди дека се спорни. Тестот бил негативен, но симптомите на Ковид 19 продолжиле да се појавуваат се до моментот додека не изгубил свест и не завршил во градската болница „8 септември“, каде е потврден како носител на вирусот. Од друга страна, состојбата на неговиот татко се повеќе се влошувала и тој починал, по што е запишан во црните статистики на Ковид 19.

Тој е само еден од пациентите кои не успеале да се тестираат и кој поминал трнлив пат по здравствените лавиринти на македонското здравство.

КОЛКУ ВРЕМЕ ПАЦИЕНТИТЕ СЕ ЛЕКУВААТ ДОМА ДОДЕКА ДА СТИГНАТ НА КЛИНИКА

Уште еден од апсурдите во здравствениот систем поврзани со страшниот вирус е начинот на кој се проценува дека пациентите треба да останат на домашно лекување. Факт е дека досега имаше многу од нив што и без симптоми и лекови се излекуваа од Ковид 19 во домашни услови, но сепак имаше и пациенти кои „лекувајќи“ се дома или по телефон , на крај завршуваат со тешка клиничка слика на скопската Инфективна клиника, односно со тежок наод на бели дробови и завршуваат со смртен исход.

Уште на почетокот на една од прес-конференциите Филипче истакна дека има пациенти кои имаат корона вирус, но одлучиле да се лекуваат дома.

Ние правиме проценка. Има пациенти кои одлучуваат да се лекуваат и во домашни услови и на нив редовно им се вршат контроли. На домашно лекување се  пациентите кои имаат лесна клиничка слика според предвидените алгоритми – тврдеше Филипче.

„Фокус“ уште пред неколку недели објави поплаки на пациенти кои се заразени од Ковид 19, ама се на домашно лекување, односно тие со нас споделија каков третман добиваат пациентите кои се лекуваат дома, со оглед на тоа што се работи за доста опасна заразна инфекција. Нашата соговорничка, чиј сопруг почина на Инфективната клиника, а кој има хронични болести ни тврдеше дека осум дека бил со температура и никој не се јавувал да праша како е и дали има потреба од медицинска помош. Тие единствено ја консултирале матичната лекарка, која им велела дека треба да пие парацетамол на шест саати и тој заврши на клиника со тежок наод на бели дробови.

Оттука се поставува прашањето дали повеќето од пациентите кои завршиле во болница, претходно се лекувале дома, па дури кога им се влошила состојбата се хоспитализираат?

Филипче на една од редовните прес-конференции кога го прашаа зошто одредени пациенти не се хоспитализираат, тој кажа дека може да фатат бактерии. „Фокус“ испрати прашања и до ресорното министерство, за да ни се појасни што сакаше со тоа да каже првиот човек во здравството. Но, од таму не добивме конкретен одговор на нашето прашање:

На домашно лекување се сите оние пациенти коишто се со полесна клиничка слика. Тие се контролирани од матичните лекари во консултација со инфектолози. Додека, сите пак пациенти кои се  со потешка клиничка слика веднаш се хоспитализираат во јавните здравствени установи низ државата каде се третираат пациенти позитивни на корона вирус– се наведува во одговорот од министерството за здравство.

Тоа веќе е познато во јавноста бидејќи се кажува на секоја прес-конференција, но од таму не не удостија со одговор-зошто ако пациент биде хоспитализиран може да закачи бактерија? Па, нели не ги примаат тие со лесна клиничка слика, туку тие со тешка и по тогашниот одговор на министерот, ако го примале пациентот кој имал тежок наод на бели дробови ќе закачел бактерија?

Дури и во многу од дневните извештаи на министерството за здравство можеше да се забележи дека пациентите што починале биле примени само неколку дена пред да починат, што значи во болниците стигнале кога веќе им се влошила здравствената состојба.

Факт е дека Северна Македонија може да се стави во групата на земји кои успеаа да се справат со корона вирусот, но тоа само така изгледа, а дали е тоа точно, ќе покаже времето!

Рамка1:

ДЕЛ ОД ГРАЃАНИТЕ ЛАЖАТ НА ЕПИДЕМИОЛОШКАТА АНКЕТА

Сепак, во алармантната ситуација со Ковид19 многу грешки кои им беа кобни по животот направија и неколку пациенти, кои биле тестирани дали се носители на заразниот вирус. Тука станува збор за луѓето кои имаат симптоми на корона и на кои им се прави епидемиолошка анкета, односно епидемиолози им поставуваат неколку прашања, а тие треба да дадат точни одговори со цел побрзо да се лоцира каде ја добиле заразата.

И тука се создадоа дополнителни проблеми со оглед на тоа што повеќе од граѓаните не даваат точни податоци во епидемиолошката анкета, односно не наведуваат со кои луѓе имале контакти, дали некој од нив  веќе бил заразен или пак имале контакт со некој што бил во странство.

Според нашите информации, таков беше случајот со 27-годишната родилка од Куманово која откако се породи на скопска Гинекологија беше префрлена на Инфективната клиника, каде подоцна почина. Нашите извори тврдат дека таа не ги дала сите точни податоци, поточно таа заразата ја добила од нејзиниот свекор кој наводно бил во странство, а кој за разлика од неколку денови, исто така починал на Клиниката за инфективни болести.

Ние не можеме да ги натераме да зборуваат. Наше е да ги поставиме прашањата, а нивно е да ни дадат точни одговори со цел да спречиме ширење на заразата. На тој начин тие ни помагаат нас, а ние нив. Но, од досегашното искуство на терен, ние се соочивме со со различни луѓе, од кои многу кажуваат неточни податоци. И кој губи? Сите – објаснува епидемиолог, кој сакаше да остане анонимен.

Поврзани новости