Паско Кузман: Лошотилакот на оваа власт еднаш ќе мора да цркне!

by fokus

Текстот е објавен на 29-ти април 2005-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 513

Изградбата на Св. Климентовата црква на Плаошник, реставрацијата на Самоиловата тврдина, на Античкиот театар, златната маска и редица други археолошки откритија се врзуваат за името на Паско Кузман. Тој, пак, вели дека имал среќа во времето додека директорувал со Охридскиот завод, во власта да бидат луѓе што имале огромна желба да сторат нешто за културното наследство.

Изгледа дека сега нема среќа бидејќи на власт се луѓе со поинаква филозофија, а тој „заработи“ кривична пријава. Иако „веста“ беше пласирана како „Паско Кузман проневерил два и пол милиони евра“, затоа што не спровел тендер за одредени зафати од неговиот мандат, сепак лично се уверив за поддршката од граѓаните.

Додека го правевме интервјуто му приоѓаа со почит и охрабрување да го издржи линчот. На оваа моја прва средба со него, се уверив во зборовите на д-р Горан Балевски, претседател на клубот за подводни дејности, срочени во писмото до редакцијата: Паско Кузман, освен археологијата и семејството, друга љубов нема. Ако треба да избира меѓу камен стар 1.000 години од Лапидариумот во Охрид и ново „ферари“, тој без размислување ќе го избере каменот“.

Ми раскажуваше за волшебниот охридски рид. Уште како мал со часови гледал во него, го цртал, таму ја доживеал првата љубов, таму ја открил златната маска… Инсистираше да не му се обраќам со Вие, затоа што тоа било својствено за кралевите.

ФОКУС: Беше меѓу народот што пред Врховниот суд ја чекаше пресудата за случајот Раштански лозја. Што очекувавте кога заминавте пред судот?

КУЗМАН: Отидов со голема возбуда пред Судот, заедно со мојата ќерка која е студент, за да го слушнеме последниот збор на судската власт во Македонија за најважниот настан во поновата историја кога станува збор за правда или неправда. Не очекував дека ќе се случи убавото, а се случи убавото и тогаш уште повеќе се возбудив.

Навистина очекував некоја гадна казна врз основа на сето она што до сега се случуваше во државата, врз основа на тоа што читам и слушам за судството, за власта, за тиранијата, за неслободата, за сите тие погазени критериуми. Кога слушнав за ослободителната пресуда, едноставно не можев да зборувам, во градите ми се крена нешто горе. Ми притрча една мајка однатре и ме изгушка.

ФОКУС: Се најде и ти на црната листа на оваа иста власт. Имаш кривична пријава, но според реакциите, граѓаните не ја „проголтаа“ проневерата?

КУЗМАН: Да, во таа смисла и јас сум возбуден, дури и растревожен, бидејќи чувствувам како мојот народ, нашиот народ, сепак знае да разликува. Знае до каде е таа демаркациона линија или пред малку што ја спомена „црвена линија“. Народот знае да цени, знае да почитува. Мислам дека народот има поголемо чувство за сопствената татковина, за правда, за патриотизам, отколку тие што го водат народот.

ФОКУС: Бунтовник си по природа. Си учествувал и во студентските протести во Белград 1968 година?

КУЗМАН: Сега го видов Вук Драшковиќ на ТВ и се сетив на него и на 1968 година. Бев бруцош на факултет и тоа беше највозбудливото време од социјализмот затоа што тоа беше бунт за сите млади во светот. Тоа почна со Германија, Рубин Дуч. Потоа беше самозапалувањето на Јан Палах во Чехословачка. Потоа Даниел Комбенди во Франција, па студентските демонстрации во Белград. Потоа тоа се префрли и на американскиот континент. Што значи беше еден бунт и движење на младоста. ПРАВДАТА ЌЕ ИЗЛЕЗЕ НА ВИДЕЛИНА

ФОКУС: Не го чувствувам тој бунтовен дух кај сегашнава младина?

КУЗМАН: Веројатно тука влијаат некои сили кои подолготрајно дејствуваат и го затапуваат умот. Ако постојано некој го држиш под пресија, тогаш тој полека, полека ќе ја наведне главата, што на крајот ќе му ја пресече диктаторот. Но, тоа не значи дека не ќе скокне, ќе се отрезни и повторно ќе прооди. Веројатно сегашната младост е разочарана од некои други работи. На пример, нема никаков стандард, нема никаква иднина, нема нешто што ќе ги повлече за да се борат.

ФОКУС: Зарем тоа не е доволен мотив барем да се обидат да се борат?

КУЗМАН: Да, тие се обидуваат, но остануваат „необидливи“. Јас ги зедов моите колеги и колешки да работат на Самоиловата тврдина бидејќи некои од нив не се вработени цели 11 години. Значи колешка НН, не битно која, секоја година ја земам на терен само за да ѝ овозможам да проживее малку. Таа е магистрант, а е 11 години без работа. А што да прави?

Сега почнува да размислува дека нема друга шанса, дека тука нема кој да се сети на неа, дека овде не ѝ вреди дипломата што ја има. И си вели, што да правам: Нов Зеланд или Канада? Немам друг излез. Еве еден интересен случај. Од работата на Самоиловата тврдина запознав прекрасни помлади колеги, момче и девојка. Имаат завршено факултет, но немаат работа, па планираа да одат во Нов Зеланд.

Кога слушнаа за пресудата за „Раштански“, беа толку возбудени и рекоа дека заради овој прекрасен момент, секунд, вреди да се остане во татковината. Но, за да јадат леб, мора да одат.

ФОКУС: Бевте во првите редови и на протестите во Охрид поради фалсификатот на локалните избори. Зошто на крајот кренавте раце?

КУЗМАН: Не се откажавме. Ние протестиравме или се буниме против неправдата. Кирил Трендафилов Нанче беше човекот зад кого застанав лично и прифатив да бидам носител на листата за да бидам тим со Нанче. По СДСМ имавме најголем број гласови. Од мојата партија, ВМРО-Народна влеговме петмина во Градскиот совет, а од ВМРО-ДПМНЕ двајца. Кирил Трендафилов Нанче влезе во вториот круг заедно со Александар Петрески од СДСМ.

Ние имаме толку сигурни податоци за фалсификатот, за недостојно однесување на другата страна во вториот круг. За таа цел ги организиравме тие протести и баравме правда. Не се откажавме туку Врховниот суд донесе одлука, која е последна. Потоа Нанче рече дека „повеќе овие 15 илјади луѓе што беа со нас нема да ги мачиме, ниту ќе ги тераме да го губат своето време“. Се откажавме од протестите, но не се откажуваме од правдата. И тој достави барање со сета документација до Судот во Стразбур.

ФОКУС: Какви се тие луѓе што можат и на вака сомнителен начин да „стануваат“ градоначалници, штом огромен дел од жителите ги смета за недостојни?

КУЗМАН: Тоа е најголемата енигма за чесните луѓе, а за оваа власт воопшто не е така. Изгледа дека тоа е за нив како „добро утро“, што инаку не е својствено за Македонецот или за браќата со кои живееме заедно. Добро кажаа сега на ТВ дека СДСМ ја прослави својата годишнина, но тие не знаат да контактираат со својот народ.

Тие се одвоени од народот и тоа е неверојатно како тоа не го чувствуваат. На времето, во екот на кампањата за парламентарните избори 2002 година, Бучковски ме обвини мене, министерката и тогашниот премиер за невидено злосторство. Јавно кажа дека предмети од Плаошник и Самиолова тврдина сме ги распродавале по странски колекции.

Таква грозоморна оптужба не сум чул во мојот професионален живот и бев толку лут што свикав прес-конференција и му порачав на Бучковски да не го меша културното наследство негово, мое и твое со политичките кампањи и да се однесува витешки кон својот политички противник. А не на најнизок начин да ги омаловажува и понижува граѓаните од оваа држава. Не помина долго време кога во една пригода, кога беше министер за одбрана ми пријде лично. Само се поздрави и си замина, па помислив дека со тоа ми се извинил. Но, така се однесува оваа власт.

ФОКУС: Сепак, не те сменија веднаш, те оставија уште една година како директор на Заводот?

КУЗМАН: Тоа го воочив уште на почетокот. Знаев дека ќе бидам сменет, но не веднаш поради тоа што тие имаа некоја пресметка: „чекај, тоа е уште многу популарно, тука се Плаошник, тврдината, дај тоа малку да се заборави, па ќе најдеме нешто“. Ме сменија минатата година кога министерот кажа дека го цени Паско како стручњак, но во заводот и музејот имало некои дубиози – го употреби тој термин.

ФОКУС: Министерот што остана директор на Битолскиот театар и додека ВМРО беа на власт? Имам впечаток дека на оваа власт ѝ пречи успехот на некој што не е од нивните редови?

КУЗМАН: Ако се погледат изјавите и настапите на гласноговорниците на оваа власт, ќе дојдете до заклучок дека за овој сој на луѓе кои ја сочинуваат таа доминантна партија е својствено чудно политичко лицемерие кое го гледаме сите, но ништо не можеме да направиме. И претходната власт правеше грешки, но, сепак, тогаш многу луѓе беа оставени да си работат и понатаму. Ја имаше таа топлина во тогашната владеење. Во оваа власт има нешто кое кога и да е, ќе цркне. Не луѓето што ја сочинуваат таа власт, туку таа лоша карактеристика, тој лошотилак мора да цркне, да го снема. Во Македонија имало лошотилаци, ама опстанала, затоа што имало и добрини.

ФОКУС: Мендух Тачи ја посочи практиката на оваа власт на своевиден линч на луѓето пред воопшто да бидат осудени?

КУЗМАН: Тоа повторно влегува во онаа карактеристика на тешко лицемерие што го има меѓу нив и некои особености што се влечат веројатно од некои други времиња. Тоа мора да се остатоци од порано. Инаку тоа не во духот на македонскиот народ.

ФОКУС: Еве вие сте прикажан, со помош на пропагандната машинерија, а преку едно соопштение на МВР, како крадец на 2 и пол милиони евра.

КУЗМАН: Нема никогаш да заборавам како некои од средствата за информирање го презентираа тоа. Јас ја немав добиено кривичната пријава. Но, МВР ја доставило до МИА, а МИА до медиумите, како што ми кажаа. И тогаш ги видов сите тие мои силни пријатели новинари. Во „Време“ и во „Утрински весник“ тоа беше ставено на насловна страница, а насловот го ставаат колку што знам уредниците на редакциите.

Во „Време“ беше најстрашниот: „Паско Кузман проневерил 2 и пол милони евра“. Ова беше невиден шок за мене лично. Сум проневерил, а за што? За Плаошник? Па, го гледате тој си стои. Не го постигнав тоа со мои средства. Јас ги немам тие финансии за да можам да ја направам Самиоловата тврдина, Античкиот театар, Плаошник… Значи, со кои пари ги реставрирав? Каква е таа проневера? Во „Утрински весник“ пишуваше дека сум се расфрлал со парите за Самоилова тврдина, сум купил џип, трипати поскапо. Паско против Паско, Крамер против Крамер!

ФОКУС: А стопати повторената лага, почнува да се прифаќа како вистина?

КУЗМАН: Но, овде има една друга ситуација во врска со мене. Таа невистина се повторува, но во исто време има една силна реакција од мојата професија, од моите колеги, пријатели и сите тие што ме запознаа, што го знаат моето дело. Работев заедно со 400 луѓе, немам ништо сам направено. Сите тие луѓе, без оглед на пласираните лаги, ми искажуваат поддршка. Ми приоѓаат на улица и луѓе што не ги познавам, тоа, сепак, е една сатисфакција. Така што се надевам дека на крајот правдата ќе излезе на виделина.

ЛИГУШИ И КОДОШИ

ФОКУС: И министерот за култура Благоја Стефановски го градеше Пелинце  без тендер, но МВР таму нема инспирација за кривична. Зошто ВМРО-Народна дава интерпелација против Стефановски, а не против министерот за внатрешни, кој покажува селективност во постапувањето?

КУЗМАН: Добро, јас сум обвинет за тендерите иако тие не се потенцираа толку, туку проневерата. Во весниците стоеше дека тоа е нивната влада, а она било мојата влада. Па, така ли ќе ја водиме државата! Кога победи СДСМ, кога дојде новата влада, изјавив дека и оваа влада за која јас не гласав, сепак е и моја влада. Нека повели и г-динот премиер Бранко Црвенковски да финансира за културното наследство, јас исто ќе се испотепам да направам уште една црква, да направам Самоилова тврдина… Значи нема моја, твоја влада и не би требало да има. Тоа се наши влади.

ФОКУС: Да, но уште кога ја откривте златната маска, веднаш се јавија малициозните коментари на ваши колеги, инаку сдсмовци, како Елеонора Петрова, кои се обидоа да го оспорат тоа?

КУЗМАН: Таа почна да зборува со еден негативен напон. Сакаше да се претстави како прв археолог во Македонија и дека нема други како неа. Иако во нејзините настапи по повод златната маска направи толку стручни грешки, што дури е срамотно да ги повторувам сега. Сум ги кажал тогаш во полемиката.

Но, тоа е реакција на љубоморните луѓе, кои вообичаено ги нарекувам „лигуши и кодоши“. Такви ги имало во историјата од 1903 до денес. Тие лигуши и кодоши се занимаваат со такви работи бидејќи ја немаат таа дарба да направат нешто, да сработат нешто поголемо и посилно. Тоа стигна до таа мера, толку далеку што го намали угледот на самиот народ, а не на Паско.

На пример, во Германија можеби не го знаат Паско, но знаат за златната маска од Охрид. И ако некој ја оспорува, тие ќе кажат: „леле, па тоа беше наод и ние верувавме“. Тие ќе почнат да се сомневаат во наодот. Наодот, односно Македонија ќе ја изгуби големината на вредноста.

ФОКУС: Министерот за култура, Стефановски во своите први настапи најави дека ќе се инвестира во живата култура наместо во мртвата? Како ја оценувате неговата политика за овие без малку 3 години?

КУЗМАН: Тој очигледно се обидува таа жива уметност да ја форсира. Под жива уметност подразбирам театар, сликарство итн., но и тука не гледаме некаков успех. А културното наследство е уставна категорија. Ако немате културно наследство, ќе немате ни жива уметност, ни мртва, ни никаква. Значи тоа културно наследство се употребува за да функционира живата уметност. Никако поинаку.

Особено сега во 21 век. Сите наши објекти се жива уметност. Живите уметности таму се реализираат и оттаму земаме финансиски средства за да ги финансираме живите уметности. Тоа беше една наивна, површна изјава на министерот, но со форсирањето на таа негова жива уметност наспроти мртвата ние не гледаме повторно резултати.

Тоа веројатно не е само негова вина. Треба и премиерот над него да има сенс за таа работа. Имав голема среќа што во времето кога бев директор, луѓето над мене имаа големо срце за културното наследство и голема желба да сторат нешто на тој план. И тоа ќе стои вечно во културната историја на Македонија и тоа не може никој да го земе. Можат да нѐ осудат за ова, за она, но тоа никогаш. Тоа ги боли овие Македонци кои што се сега на власт. Но, ако ги боли, нека направат уште поголеми дела, за да не ги боли. Да се натпреваруваме со големи дела.

ФОКУС: Сега ќе се посветите на Советот на Охрид или на археологијата?

КУЗМАН: Мојата професија никогаш нема да ја оставам. Мојата животна определба е мојата професија, а тоа што го викаме политика е за мене една споредна патека, во која се движам повремено, затоа што сакам да помогнам на својот град. Но, јас ќе си бидам археолог до крајот на мојот живот бидејќи имам уште неколку прекрасни проекти во мојата глава што морам да ги реализирам.

ФОКУС: Што е тоа во вашата глава?

КУЗМАН: Сега работам интензивно на монографија за сѐ што е откриено со охридските проекти. Мислам дека најголем придонес за мојот град и за мојата татковина е ако ги пласирам во светот сите културни и историски вредности што излегоа од овие големи зафати бидејќи една од најголемите одлики на една држава е културното наследство, иако светот знае за тоа. Сѐ друго има помала вредност. Што се однесува до Советот, јас требаше да бидам претседателот на Градскиот совет. Мислам дека една од причините на оваа кривична пријава е да не бидам тоа. Така помислувам, а тоа ми го кажаа и многу други луѓе.

ФОКУС: Ќе прифатите ли ваква функција?

КУЗМАН: Ако сум некаков обединувачки фактор во Градскиот совет, како што ме убедуваат, ќе го прифатам тоа. Но, ако може без мене, уште подобро бидејќи уште во стартот кажав дека без тим не можам да работам. Во Градскиот совет ќе сум и претседател и советник заради моите два прста, а тоа совршено не ме интересира, ниту, пак, заради не знам какви 3.000 или 8.000, па нека се 100.000 денари. Бидејќи јас со сегашниот градоначалник Александар Петрески не можам да соработувам. Немам ништо против него, но неговите планови за управување со градот се под сите мои сфаќања за управување со град или држава. Треба да имам тандем. Кирил Трендафилов Нанче го сметав за единствен човек, кој може по толку векови да му биде дораснат на Охрид со неговите вредности. Досега не сме имале таков.

ФОКУС: Како ги доживувате расколите во ВМРО?

КУЗМАН: Многу болно ги доживувам иако политичката определба е нешто друго, а живеењето и професијата не треба да ги мешаме со политиката. Сепак, да беше обединета опозицијата, ние во првиот круг ќе имавме победа над политичките противници и ќе можевме многу полесно сега да ги реализираме нашите соништа.

ФОКУС: Зошто се определивте во ВМРО Народна?

КУЗМАН: Па, зар треба мене некој да ме праша зошто се определив за ВМРО Народна! Каков член би бил кога не би бил благодарен кон човекот, кон луѓето што направија толку многу за мојот град, за Македонија, за археологијата, за заштита на културните вредности. Сепак, мојата работа, професија и институциите ги одвојувам од политичката определба. Мене сега институција ме казнува. За што ме казнува? За мојата професија. Тука нешто не е во ред.

ФОКУС: Што ќе биде сега со кривичната пријава?

КУЗМАН: Такви искуство во животот сум немал и сега немам претстава како ќе се одвива тоа. Ако е пријавата доставена до Јавното обвинителство во Охрид, веројатно обвинителството ќе продолжи да истражува, да бара докази. Навистина не знам. Но, очекувам дека ќе се покаже дека чесно работев со сите мои екипи и дека ништо грозоморно не е направено за да можеме да бидеме осудени.

ФОКУС: Гледам како скопјани реагираат, со поддршка до вас…

КУЗМАН: И моите охриѓани исто како и скопјани, исто како и оние од Гевгелија и од Струмица, бидејќи добивам и од таму пораки. Значи, сите тие  луѓе сметале дека Свети Климентовата црква и Свети Климентовиот дух не го работи некој за да го ограбува, туку го работи од голема желба и љубов кон тој  дух. Не може некој да работи на црква и да го прави тоа. Јас не знам која им е таа филозофија. Па, затоа и не сме направиле држава веројатно поради ваквата филозофија.

ФОКУС: На почетокот ми рековте дека волшебниот рид во Охрид бил вашата инспирација уште како дете?!

КУЗМАН: Да, за цел живот и како дете и сега и во иднина. Сега подготвувам две монографии кои немаат врска со археологијата, но имаат врска со мојата определба да работам на минатите цивилизации. Значи Охрид во една современа монографија и Охрид во меморијата преку 800 до 1.000 страници, Охрид низ стари форми, разгледници, цртежи, слики, со цела историја. Тоа е мој долг кон мојот град и морам да го реализирам тоа.

Поврзани новости