Новинарите стануваат измеќари на власта и на газдите. Остануваат без права, заштита и сигурност. Застрашувачки се податоците од истражувањето на Синдикатот на новинарите. Дури две третини од новинарите немаат засновано работен однос, а тоа ги прави подложни на притисоци и влијание врз нивните стории.
Со законските измени пак, со кои хонорарците од први јануари ќе мораат 35 отсто од хонорарот да платат за придонеси, практично се стравува дека и тие малкуте кои се вработени, газдите ќе ги претворат во хонорарци.
Така се создава несигурната клима во новинарството. Прво, новинарите се ставаат во безизлезна ситуација притиснати од егзистенцијата, потоа им се дава ниска плата, а на крајот им се наредува да објават материјал.
Во таквата несигурност новинарите или мора да се приклонат кон сопственикот на медиумот за некако да се надеваат дека ќе им се остварат некои права, или кон власта за да можат да очекуваат дека ќе им се подобри статусот.
Истражувањето го презентираше претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Тамара Чаусидис која истакна дека 80 отсто од новинарите сметаат дека работното место не им е сигурно.
– Работодавачот смее да отпушта новинари, а при тоа да не понесе никаква одговорност, како што и се случува во праксата. Хонорарците не се заштитени, тие секогаш се новинарите од втор ред и се дискриминирани на работните места и според примањата и според обемот на работа. Работа се наоѓа лесно, но само ако си подготвен за ниска плата, за автоцензура, приклонување кон газдата – презентираше Чаусидис бројки од истражувањето.
На прашањето што е клучно за напредок во новинарската професија, голем дел од анкетираните ги посочиле партиската подобност и послушност, кaко и релациите со менаџментот.
Но Македонија иако е карактеристичен пример за узурпација на медиумите од страна на власта, сепак не е исклучок. Македонското новинарство го прават уникатно новинарите кои работат за ниска плата, а постојано ги нагласуваат „исправните“ политика на власта.
Од Европската федерација на новинари истакнуваат дека мора да се изгради систем преку кој хонорарците ќе се стекнат со права и со пристојни плати, затоа што тие според знаењето и професинализмот не заостануваат зад вработените.
Токму затворската казна за новинарот Томислав Кежаровски е пример како се ограничува слободата на изразување, која во истражувањето на ССНМ, е посочпена како главен елемент кој недостасува кај новинарите.
– Затоа очекуваме судските авторитети и власта во Македонија да ги слушнат нашите апели, на новинарите од цела Европа, дека мора да престане прогонот и дека мора да има поинаква одлука за нашиот македонски колега. Затоа ние од Брисел ве поддржуваме во сите активности, пред се синдикалните, да опстоите и да не се откажете, оти поинаку ќе биде уште пострашно – наведе Мехмед Коксал од Европската федерација на новинари, на конференцијата по повод истражувањето на ССНМ за сигурноста на новинарите во македонските медиуми.
Запрепастувачки примери беа пренесени и од Јасмина Поповиќ од Хрватска, која како преставник на Меѓународната федерација на новинарите, раскажа дека и таму хонорарците се новинари од втор ред и дека егзистенцијално страдаат.
Во последните години во Хрватска се преполовени бројот на весниците и тиражот на тие кои се уште опстојуваат. Направи споредба со овдешната ситуција со која се соочуваат хонорарците со законските измени – така новинарот ќе мора сам да си ги води пресметките, книговодството, да си плати данок и трошоци кон државата.
– Практично тоа значи дека, како во Хрватска, хонорарците ќе станат регистрирани даночни обврзници. Така ќе мораат да трагаат по неколку работни места за да стигнат до нормални примања, кое пак, ќе предизвика неквалитетни стории. Имаме хонорарци кои 20 години не биле вработени, затоа прекарната работа не може да опстои – таа продуцира непрофесионалност, послушност и задоволување на интересите на другите, а не на публиката за која работиме – истакна Поповиќ.
Иако од гостинката од Германија се очекуваше позитивни коментари и оценки за состојбата со новинарите во политички и економски силната Германија, сепак и Јулијана Хофман мораше да признае дека се затвораат весници, а новинари остануваат на улица.
– Во моментов 50 отсто од новинарите се хонорарци, а 20 отсто се вработени на определено работно време. И кај нас има примери со затворање на цели редакции, чии новинари потоа немаат шанса да се вработат и се снаоѓаат самите на пазарот – пренесе Хофман.
Како начин да се надмине барем малку ваквата ситуација таа го посочи примерот на „Дојче Веле“ каде хонорарцие, кои изнесуваат 50 проценти од вработените, самите се здружиле во група и полесно ги остваруваат правата.
На крајот на конференцијата зборуваше професорот Здравко Савески кој смета дека хонорарците мора да заземат поактивна позиција, оти нема никој да им помогне. Тој предложи да се издејствува кај работодавачите или да го зголемат бруто приходот, за да може нето платата на хонорарецот да остане иста, или пак, барем да се обидат тие трошоци кон државата да ги плаќаат заеднички.
– Како краен, совршен модел, е газдите да ги вработат хонорарците, што е тешко во вакви услови. Секако дека работодавачите ќе настојуваат целиот товар кон државата да го плати самиот хонорарен работник, но ако хонорарците активно го искористат времето до први јануари, тогаш може да се очекуваат некакви промени. Дополнително, со закон мора да се забрани хонорарецот да биде цел работен век со таков статус, односно да не смее да биде невработен подолго од една година кај истиот работодавач – сугерираше Савески.
Секако дека е неопходно на хонорарцие да им помогнат и вработените новинари за да може целата акција да биде помасовна. Но исчезнатиот солидарен дух во оштеството не гарантира дека ќе има општа мобилизација на новинарите. Особено ако се знае дека повеќе од половината новинари спаѓаат во оние кои напредуваат според претходно наведените критериуми – партиска подобност и покорност кон газдите.