Студентскиот пленум до Груевски: Владината политика во образованието нѐ извади на улица

by Фокус

Уморни сме од излишната реторика, која се обидува да даде партиска конотација на иницијативата и со тоа да ја делегитимира, реагира денеска Студентскиот пленум на изјавите на премиерот Никола Груевски дека опозицијата стои зад маршот против екстерното.

– За жал, државните институции повторно покажаа дека не се подготвени да се справат со конструктивна критика и се обидуваат да ги делегитимираат активностите на пленумот, на начин кој не ѝ прилега на една политичка структура. Повторуваме, Студентскиот пленум не е инструиран од ниедна опозициска партија или други видови на политички организации – велат студентите.

Според пленумот очигледно е дека институциите го прифатија аргумент на студентите дека со неможноста да се продолжат студиите, се ограничува правото на образование на студентот, инаку немаше да се повлечат од нивната првична намера и да воведат можност да се полага испитот неограничен број пати.

– Тука всушност излегува на виделина неконзистентноста во целите на оваа мерка: она што на почетокот беше најавено како обид да „се исклучат од системот послабите студенти“ (Адеми) стана обид да се изземат точките на отпор кај студентите, без да се признае дека самата мерка нема да придонесе за подобро образование. Во исто време примената на мерката се одложи до 2017 година, и со тоа се амнестираа четири генерации студенти, што е свесен обид да се демотивира оваа критична маса. Меѓутоа, како студенти – партнери во високото образование (а не корисници), ние не сме амнестирани од одговорноста за тоа какво образование ќе им оставиме во аманет на генерациите што доаѓаат – се вели во денешната реакција на Студентскиот пленум.

Оттаму велат дека немањето на јасен модел и прецизна дефиниција што доведе до терминолошка нејасност (екстерно тестирање или државен испит), е вина единствено на Министерството за образовани и наука (МОН), како ресорно тело во чија надлежност е предложената реформа.

– Конечно, би сакале делумно да се сложиме со премиерот кога вели „политиката ги извади студентите на улица“. Точно, но владината политика во високото образование нѐ извади на улица! И доколку не се направи напор за конструктивна дискусија и оваа мерка не се повлече, ние повторно ќе бидеме на улица! – се вели во реакцијата на студентите која можете да ја прочитате во целост на нивната фејсбук-страница на следниов линк.

Поврзани новости