Партиите ги прекинаа преговорите во Пржино

by fokus

Иако вчера брифираа дека се на чекор до компромис за Избирачиот список, денеска партиите ги прекинаа преговорите, бидејќи не се ниту блиску да ги договорат условите за организирање предвремени избори наесен.

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, рече дека преговорите се прекинати затоа што ВМРО-ДПМНЕ не сака да разговара за спорните гласачи во избирачкиот список и за регулацијата на медиумската сфера.

-Секогаш кога ќе дојдеме до двете болни теми за ВМРО-ДПМНЕ, а тоа се прочистување на избирачкиот список, односно 330.000 спорни записи и регулирање на медиумската сфера, во тој момент доаѓа до прекин на преговорите од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ бега од фер, слободни и демократски избори. ВМРО-ДПМНЕ сака да има избори по нејзин терк, какви што беа и досега, криминални и крадени. Социјалдемократскиот сојуз тоа нема да го дозволи.

Од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека преговорите се прекинати, но велат дека тоа не е по нивна вина.

– Ние побаравме сите партии да се согласат дека новинар и медиум нема да можат да бидат казнети, но од СДСМ не го прифатија тоа. Што се однесува до избирачкиот список, уште вчера го поздравивме потегот со кој СДСМ потврди дека немало никаква изборна кражба, односно дека победата на ВМРО-ДПМНЕ е чиста – рече Иво Котевски.

И двајцата не одговорија на прашањето дали и кога ќе продолжат преговорите и дали има можност за лидерска средба.

Поврзани новости