,,Парни ваљак” доаѓа во Скопје: Одговорност и желба ни е да отсвириме концерт во градот на Аки!

by Fokus

Популарниот хрватски рок бенд ,,Парни ваљак” ќе одржи концерт во Скопје, на 18-ти мај во Спортски центар Јане Сандански. Настанот е во организација на Авалон Продукција, од каде истакнуваат дека одлучиле оти е дојдено време бендот повторно да свири во Скопје.

Инаку, ,,Парни ваљак” доаѓа со новиот вокалист, Игор Дрвенкар, кој дојде во бендот по смртта на Аки Рахимовски. Аки, роден во Ниш, уште како дете се преселил во Скопје со семејството, и во минатото често раскажуваше за неговата поврзаност со Македонија, каде неретко доаѓаше. Некогаш приватно, бидејќи мајка му живееше во Скопје, а многу пати и на настапи. Тој почина на 66-годишна возраст во јануари 2022 година во Словенија.

И фронменот на бендот, Хусеин Хасанефенфиќ-Хус, порача дека концертот во Скопје е нивна голема желба, но и одговорност.

-Наша голема желба, а уште поголема одговорност е во Скопје, во градот на Аки, да отсвириме концерт, со кој нашата одлука да продолжиме понатаму ќе направи да биде оправдана.
Се разбира дека во приказната за ,,Парни Ваљак”, Аки е неизоставен дел и тој секогаш ќе биде во нашите срца- вели гитаристот Хус.

Откако постои музичката индустрија на овие простори, ,,Парни Ваљак” е можеби единствениот музички бренд кој во сите сегменти работи на начин и на ниво на било кој врвен светски бенд, и големо задоволство ни е да му овозможиме на Скопје и Македонија повторно да бидат сведоци на тоа, порачаа од Авалон Продукција.

Информираат дека влезниците од денес се пуштени во продажба, по цени од 700 до 2.000 денари.

Вики Клинчарова

Поврзани новости