Парламентарни избори во Грција

by Fokus

Нешто помалку од десет милиони граѓани денеска гласаат на парламентарните избори во Грција,

Гласањето започна во седум часот утрово, а ќе трае се до 19 часот по локално време. На изборите учествуваат 27 партии, осум коалиции и еден самостоен кандидат.

Првите официјални резултати од Министерството за внатрешни работи на Грција се очекува првите неофицијални резултати да бидат соопштени околу 21 часот по локално време.

За парламентарните избори, Грција е поделена во 59 изборни единици, во кои што се одбираат 285 од 300те пратеници колку што брои грчкиот Парламент. Останатите 15 се на листа која важи за целата земја.

Според пропорционалниот модел, за да може победникот на изборите в недела да формира еднопартиска Влада, потребно ќе биде да обезбеди најмалку 151 пратеник кои ќе бидат од гласовите на граѓаните, односно ќе треба да добие голем број гласови околу 45 отсто.

Грчкиот Устав предвидува веднаш по изборите претседателот на државата да ѝ го додели мандатот за формирање Влада на партијата победник.

Доколку првата партија не успее да формира Влада, мандатот му го враќа на претседателот, кој го доделува на втората партија, а доколку и таа не успее, го добива и трето рангираната партија.

Секоја од партиите на располагање има 72 часа да спроведе консултации со можни коалициони партнери.

Доколку во законски предвидениот рок од најмногу девет дена, земјата не добие Влада, тогаш претседателот свикува лидерска средба за евентуална широка коалиција, а во случај и овој обид да биде неуспешен, тогаш земјата ќе оди на втори избори.

На минатите парламентарни избори на 7 јули 2019 година учество зедоа 20 партии, а шест од нив обезбедија место во Парламентот.

Нова демократија победи со 39,85 отсто од гласовите и со 158 пратеници, од кои 50 беа од бонусот предвиден со тогашниот изборен законик и формираше еднопартиска Влада.

СИРИЗА беше втора со 31,53 проценти, Движење на промена освои 8,10 отсто, а во Парламентот место обезбедија шест партии кои го достигнаа неопходниот изборен праг од три отсто за влез.

Излезноста пред четири година беше 57,78 проценти.

Поврзани новости